„ПРОДОЛЖУВА НЕСПОСОБНОСТА НА ГРАД СКОПЈЕ“ Костовски револтиран бидејќи му ветиле, но никој не дошол да ги санира штетите во Бутел
Иако најавија дека ќе дојдат, екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ веројатно по нечија наредба не дојдоа да ги санираат штетите на улиците кои се под надлежност на Град Скопје, вели Костовски.
Градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски информира дека екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ не ги санирале штетите на улиците по вчерашното невреме.
– За жал во уште поголема мера продолжува неспособноста на Град Скопје. Иако најавија дека ќе дојдат, екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ веројатно по нечија наредба не дојдоа да ги санираат штетите на улиците кои се под надлежност на Град Скопје – вели Костовски.
Градоначалникот рече дека не можел да ги остави на цедило граѓаните поради негрижата од други, па наредил на екипи на општина Бутел да постапат, иако тоа не било нивна работа.
– Затоа веднаш дадов насока екипите на општина Бутел да постапат, иако тоа не е наша работа. Нема да дозволам граѓаните да трпат било чија елементарна неспособност – реагираше Костовски.
Тој и вчера откако се стабилизира времето сподели дека екипите на Бутел веднаш излегле на терен да им помогнат на граѓаните.
– Општинскиот кризен штаб работи на терен на расчистување на последиците од невремето и обилните врнежи кои ја зафатија општина Бутел. Екипите на општината се во целосна координација со МВР и ЕВН. Општинските работници работат на најкритичните места и расчистување на паднатите дрва и наносите. На терен работи и целосната механизација со која располага Општина Бутел – информираше Костовски.