Продолжување на регистрацијата и пунктови за брзи тестови, бараат транспортерите

Ако запрат со работа возачите на товарни возила кои сега се најизложени на ризик и се одговорни исто како докторите, полицијата, војската и медиумите, рафтовите во маркетите би останале празни, економијата би ризикувала застој, а фабриките би имале проблеми со дистрибуција на производите.

747

Посебни пунктови за брзи корона-тестови и пролонгирање на рокот за регистрација на нивните возила до завршувањето на кризата, се двете најзначаjни барања на транспортерите во земјата.

Како што беше споменато на денешната прес-конференција, овие лица не треба да губат време на закажување термини преку матични лекари, бидејќи нивната дејност е клучна за непречена размена на стоки и навремено снабдување на граѓаните и индустријата. А во оваа ситуација дополнително финансиско оптеретување за сите ќе биде регистрацијата на товарните и патничките моторни возила.






– Засега транспортерите работат со преполовен капацитет. Загуби секојдневно бележат, но колкави ќе бидат тие ќе се знае по завршувањето на вонредната состојба. Проблемите со застојот на граничните премини и вадењето специјални дозволи за да не се оди 14 дена во карантин, полека се елиминира – изјави Филип Манојловски од Услужната комора на Македонија,

Според него, во овој момет тие се фокусирани на увозот и извозот на неопходните продукти – прехраната и индустријата.

– Апелираме, осигурителните компании да ја продолжат важноста на полисите додека трае вонредната состојба. Потребно е да се преземат и вонредни мерки како генерално одложување на обврските за рати на кредити овие три месеци во целост. Откако ќе заврши кризата да се продолжи нормално враќање на ратите, а тоа да се примени и за одложување на лизинг обврските – потенцира Манојловски и додаде дека треба да се разгледа можноста, К-15 за вработените  да се одложи со уредба за наредната година или да се укине обврската за годинава. Дел од мерките кои се преземени во Словенија во оваа насока, се зголемување на платите на оние гранки кои во моментот се најоптоварени како медицинскиот персонал, вработените во трговија, транспорт – рече Манојловски.

Според него, ако запрат со работа возачите на товарни возила кои сега се најизложени на ризик и се одговорни исто како докторите, полицијата, војската и медиумите, рафтовите во маркетите би останале празни, економијата би ризикувала застој, а фабриките би имале проблеми со дистрибуција на производите. Во овој контекст напомена дека Царинската управа и царинските службеници мора да работат со полн капацитет, а Владата итно да ги донесе неопходните економски мерки.

Манојловски укажа дека транспортните компании и натаму ги обезбедуваат и запазуваат сите превентивни мерки донесени од Владата за заштита и превенција од КОВИД-19. Секојдневно се врши дезинфекција на возилата, се обезбедуваат заштитни маски, ракавици и заштитни навлаки за обувки согласно сите препораки.

Поврзани содржини
na