ПРОДОЛЖУВА ДРАМАТА НА ГРАНИЦАТА Штрајкот во Грција повторно го парализира сообраќајот
Евзони од 17 часот повторно е затворен за сообраќај поради штрајкот на грчките земјоделци, додека АМСМ предупредува за внимателно возење и можни одрони на критичните патишта.
Сообраќајот на граничниот премин Евзони (Богородица) повторно е блокиран од 17 часот, поради продолжениот штрајк на грчките земјоделци. Ова е втор прекин денеска, откако Автомотосојузот на Македонија (АМСМ) претходно информираше дека преминот бил затворен од 11 часот, а нормализиран околу 15 часот.
Според АМСМ, блокадите се случуваат во различни периоди од денот и веќе неколку дена ја попречуваат комуникацијата меѓу двете држави. Од македонска страна, клучниот премин претпладне работел со ограничувања, но попладне повторно бил затворен за влез и излез.
Паралелно, АМСМ соопшти дека од 17 часот е нормализиран сообраќајот на ГП Ники (Меџитлија), додека на ГП Дојран преминот функционира без застои.
Во однос на состојбите на државните патишта, од Автомотосојузот информираат дека сообраќајот насекаде се одвива по суви коловози и без поголеми проблеми, со умерен интензитет надвор од градовите. Од македонска страна на граничните премини нема подолги задржувања.
АМСМ апелира возачите да бидат внимателни и да ја прилагодат брзината, особено на делниците низ котлините, речните долини и клисурите, каде е можноста за одрони зголемена.
„Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево“, предупредуваат од АМСМ.