100 ПРОЦЕНТИ ЦАРИНИ И ЗАБРАНА ЗА ТЕХНОЛОШКИ ИЗВОЗ Трамп најави нова трговска војна со Кина

Вашингтон воведува најстроги ограничувања досега поради „агресивниот став“ на Пекинг, средбата меѓу Трамп и Си Џинпинг под прашање.

956

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска објави дека Соединетите Американски Држави ќе воведат дополнителни царини од 100 проценти на увозот од Кина и ќе воведат ограничувања за извозот на критични технолошки производи, во обид, како што рече, да ја заштитат националната економија од „агресивниот став“ на Пекинг.

– Дознавме дека Кина зазела исклучително агресивен став во трговијата и испратила крајно непријателско писмо до светот, со кое најавува дека од 1 ноември 2025 година ќе воведе широки контроли на извозот за речиси сите производи што ги произведува – напиша Трамп на неговата социјална мрежа „Truth Social“.






Тој најави дека новите царини ќе стапат во сила од 1 ноември 2025 година, или порано, во зависност од реакцијата на Кина.

– Истовремено, ќе воведеме и контроли на извозот на целиот критичен софтвер – додаде американскиот претседател.

Трамп претходно изрази сомнеж дали ќе се одржи планираната средба со кинескиот претседател Си Џинпинг за време на неговата посета на Јужна Кореја, оценувајќи дека „нема причина“ за разговор по последните потези на Пекинг.

– Ова се појави од никаде – изјави Трамп пред новинарите во Овалната сала, додавајќи дека таквите потези можат да ја парализираат светската трговија и да им наштетат на бројни држави.

Сепак, тој истакна дека средбата „сè уште не е откажана“, додавајќи: „Јас ќе бидам таму, па претпоставувам дека можеби ќе ја имаме“.

Трговскиот спор меѓу САД и Кина повторно се засили во последните месеци. Пекинг минатата недела објави дека ги проширува ограничувањата за извоз на ретки земни метали, материјали клучни за американската индустрија и производството на батерии.

Според кинеското Министерство за трговија, од 1 декември ќе биде потребна посебна дозвола за извоз на сите производи што содржат ретки метали со кинеско потекло или користат кинески технологии. Ограничувањата се прошируваат и на уште пет нови метали, како и на графитни и батериски материјали.

Кина е најголем светски производител на ретки земни метали, неопходни за електрични возила, паметни телефони и воена опрема, што ѝ дава значителна економска и политичка предност во глобалната трговија.

Поврзани содржини