ЗА АРСОВСКА И ЗА МАЗНЕВА ПРОБЛЕМОТ СО ЃУБРЕТО Е РЕШЕН! Градоначалничката и директорката на „Комуналец“ не дојдоа на вонредната седница

Градоначалничке Арсовска, заминете си, дајте си оставка, ослободете го градот додека не сме доживеале уште поголема еколошка катастрофа – рече советничката Јанчева на крајот од своето излагање.

502

Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје Марија Андоновска на денешната вонредна седница на Град Скопје побара градоначалничката Данела Арсовска и директорката на комуналното претпријатие Косана Мазнева да бидат присутни на седница за собирањето на отпадот, за да се дебатира за да се изнајде решение за проблемот.

– Јас укажав и апелирав дека тука не е ниту градоначалничката, ниту директорката на комуналното претпријатие. Ние овде нема со кого да дебатираме и тоа е крајно несериозно. Ве замолив да интервенираме да ги повикаме уште еднаш да дојдат, бидејќи нема нешто што е поважно во моментов освен не дај боже да е загрозена нивната здравствена состојба. Тоа би било само единствено оправдување да не се денеска тука. Нема ништо поважно од тоа да се денеска тука и да дебатираме, ни се случуваат проблеми, не само нам, им се случуваат проблеми на граѓаните на Скопје. Денеска е ова, утре ќе биде нешто друго, задутре ќе биде уште пострашно, затоа треба да сме денеска тука, да дебатираме за проблемите, да најдеме решение, бидејќи нема никакво оправдување кога утре ќе ни се случи поголема катастрофа од ова што ни се случи пред некој ден – рече Андоновска.






Андоновска укажа дека градоначалничката, директорката и оние кои што се надлежни треба да се присутни на седницата бидејќи доста е од дневна политика, ситни политички поени и популизам.

– Затоа барам да се обезеди присуство на градоначалничката, на директорката и на оние кои што се надлежни да дебатираме денеска ние за оваа точка, бидејќи дневна политика, ситни политички поени, популизам овде не ни треба да зборуваме. Ние треба аргуменирано да дебатираме и да донесеме решенија кои што понатака ќе бидат реализирани и спроведени. Ве молам да обезбедите присуство бидејќи нема ништо поважно денеска од тоа градоначалничката денеска да е присутна во оваа сала – порача Андоновска.

Од советничката група на СДСМ побараа оставка од Арсовска бидејќи, била „неспособна, нечесна и неодговорна“.

Однесувањето на Арсовска како крајно неодговорно го оцени координаторката на советничката група на СДСМ Љубица Јанчева, која нагласи дека за првпат се случува дејноста, за која е основано ова претпријатие пред 79 години, да не се извршува.

Таа потсети дека како советници гласале за инвестициската програма на ЈП „Комунална хигиена“ за сега да се случува ваква катастрофа.

Јанчева ја осуди постапката на градоначалниците кои го истурија ѓубрето на јавна површина, но уште повеќе го осуди директорот на ЈП „Дрисла“ кој, како што рече, ги послушал наредбите на градоначалничката и не дозволил сметот што со камиони го донесоа градоначалниците, да се депонира во депонијата.

– Градоначалничке Арсовска, заминете си, дајте си оставка, ослободете го градот додека не сме доживеале уште поголема еколошка катастрофа – рече на крајот од своето излагање советничката Јанчева.

Претседателот на Советот на Град Скопје Трајко Славевски рече дека веднаш откако ја примил иницијативата за вонредната седница тој во понеделникот испратил покана до градоначалничката Арсовска и до директорката Мазнева, но не добил објаснување за нивното отсуство.

– На 10 јули им беше испратено писмено известување на градоначалничката и на директорката. Од кабинетот на Мазнева не добивме никаков одговор, додека од градоначаличката ни пристигна одговор дека Градот се чисти, претпријатието е вратено во нормала, но дали ќе дојде на седницата не добивме одговор – рече Славевски.

Поврзани содржини