ПРОБЛЕМОТ СО ЅИДОТ СЕ РЕШАВА ЗА 2-3 ДЕНА! Некои не знаат да си ја сработат работата, вели Ѓорѓиевски
Малку е трагично во 21 век да се занимаваме за ѕид кој што се решава за 2-3 дена како проблем. За жал, одредени институции немаат слух и не знаат да си ја сработат работата - кажа Ѓорѓиевски.
Градоначалникот на општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски вели дека надлежност за решавање на урнатиот потпорен ѕид кај Детска клиника има Град Скопје.
– Немаме никаков одговор од Град Скопје. Надлежноста ја презел Градот во 2019 година. Малку е трагично во 21 век да се занимаваме за ѕид кој што се решава за 2-3 дена како проблем. За жал, одредени институции немаат слух и не знаат да си ја сработат работата – кажа Ѓорѓиевски.
Претседателот на ЗЕЛС рече дека еднонасочна е комуникацијата со Градот Скопје.
Ѓорѓиевски вели дека општините во земјава работат домаќински и дека тоа може да се види низ практични примери.
На прашањето зошто општините се на листата на долгови секој квартал на Министерството за финансии, градоначалникот истакна дека начинот на финансирање на општините и процентот од данокот кој што се слева во општините низ европските земји е 50 до 70%, а кај нас е 6%.
– Единствен прилив на средства за општините во моментов се комуналиите. Треба да работиме на надминување на проблемите. Во делот на домаќинско или недомаќинско работење, тоа е инвидивуален пристап на поединци. Не поддржувам недомаќинско работење. Во моментов, градоначалникот на Охрид после толку години ја извади општината од блокирана сметка. Имавме проблем околу наследените долгови, но мислам дека состојбите одат кон подобро, каде што и средствата се инвестираат во капитални инвестиции – одговори Ѓорѓиевски на новинарско прашање.
Претходно град Скопје се прогласи за ненадлежен и одговорноста ја префрли на Општина Центар и на Детска клиника. Но од Општина Центар истакнаа дека надлежноста на улицата ја има Град Скопје кога во 2019 година со случен договор е предадена на Градот. Исто и од Детска клиника посочија дека Град Скопје ја има надлежноста над улицата, бидејќи установата не поседува сопствен имот, туку е со времено користење и во сопственост на државата.
Од ЦУК алармираа дека ризкот од целосно уривање на зидот е прашање на денови а можеби на часови.