ПРОБЛЕМИТЕ НА НОВАК НЕ ЗАПИРААТ Ѓоковиќ останува и без милионите од главниот спонзор!
Денеска дојде информација дека тој ќе мора да се вакцинира ако сака да игра на Ролан Гарос, а се соочи и со можноста да остане без главниот спонзор, компанијата за производство на облека „Лакост“.
Најдобриот светски тенисер, Новак Ѓоковиќ, денеска пристигна во Белград по десетдневната сага околу влезот во Австралија и настапот на гренслем-турнирот во Мелбурн, каде што ќе се обиде да се одмори по стресниот период во кој двапати мораше во имиграциски притвор и да се појави пред суд, сето тоа без среќен епилог за него.
Србинот беше депортиран од оваа земја поради тоа што е невакциниран, иако претходно му беше даден медицински исклучок за настап на Австралија опен, како и виза за влез во државата, но тоа не е единствената лоша вест. Денеска дојде информација дека тој ќе мора да се вакцинира ако сака да игра на Ролан Гарос, а се соочи и со можноста да остане без главниот спонзор, компанијата за производство на облека „Лакост“.
– Австралиските власти ја укинаа визата на Новак и поради тоа, тој нема право на настап на турнирот во Мелбурн. Поради ваквиот развој на настаните, во првата следна прилика ќе стапиме во контакт со тенисерот за заедно да го анализираме сето ова што се случи – се вели, меѓу другото, во соопштението од „Лакост“.
Токму евентуалното негово отсуство од вториот годинешен гренслем, кој традиционално се игра во Париз, би можел да биде клучниот фактор за евентуално прекинување на соработката, која годишно носи повеќе милиони долари во џебот на Ѓоковиќ.
Во 2017 година Ѓоковиќ и Лакосте потпишаа петгодишен договор вреден 8,2 милиони евра по сезона, што значи дека српскиот тенисер може да остане без таа сума.
Сепак, ако се суди според строгата политика на француските власти кон невакцинираните, тешко е да се очекува да се излезе во пресрет на оние кои не сакаат да се вакцинираат, што секако не е во корист на Ѓоковиќ.
Слична е ситуацијата и во Англија и во САД, па доколку пандемијата не се смири, Ѓоковиќ најверојатно нема да може да учествува на ниту еден Грен слем.
Секако дека за српскиот тенисер има излез од оваа ситуација, а тоа е што побрзо да се вакцинира.