Проблеми за производителите на нафта: Мораме да го намалиме производството за 10 милиони барели на ден

Нафтената индустрија, пишува „Блумберг“, се соочува со проблемот со кој последен пат се соочи пред 35 години.

5,094

Бидејќи повеќе од две милијарди луѓе од Индија до Калифорнија во моментот се ставени во карантин, побарувачката за енергија, поточно за нафтата, потона, а како што паѓа побарувачката за нафта, така паѓа и нејзината цена.

Нафтената индустрија, пишува „Блумберг“, се соочува со проблемот со кој последен пат се соочи пред 35 години: производителите ги затвораат своите извори бидејќи извлекувањето на вообичаената количина нафта повеќе нема економска смисла.






– Никогаш не сум видел нешто слично на овој пазар – рече Торбјорн Торнкист, ко-основач и извршен директор на Гунвор Груп, една од најголемите светски компании за трговија со ресурси во светот.

Пазарот на нафта, кој не е засегнат само од падот на побарувачката, туку и од зголемената понуда поради ценовната војна меѓу Саудиска Арабија и Русија, се бори со вишок од дури 20 проценти од нормалната глобална потрошувачка. А, последиците, пишува весникот, се брутални – цените се доволно ниски за да го затворат производството ширум светот. За учесниците во ценовната војна, ова важи за победа, сè додека овие затворања се случуваат надвор од нивните територии.

Типовите „Brent“ и „West Texas Intermediate“ се околу 25 долари за барел, но во светот на физичката нафта каде се купуваат вистински барели, производителите добиваат далеку помалку. Секторот се движи во „невидени води и непознати области“, вели Пол Санки, аналитичар за нафта во банката „Мизухо“.

Помалите нафтени компании во САД ја продаваат својата нафта по цени помеѓу шест и десет долари за барел, а слична е ситуацијата и во Сибир и Кина. Како резултат на тоа, заради ултра ниските цени на нафтата, рафинериите го намалуваат производството. На пример, бразилскиот „Петробрас“ го намали производството за 100.000 барели на ден, додека „Гленкор“ ги затвора своите нафтени полиња во Чад. Слично најавуваат и други директори на компании во овој сектор.

– Треба брзо да го намалиме снабдувањето со нафта за 10 милиони барели на ден. Цените на нафтата ќе треба да се спуштат понатаму за да го продадеме во овој момент – рече Расел Харди, првиот човек на „Витола“.

Последниот пат кога нафтената индустрија се соочи со низа прекини и толку прекини во производството беше во 1986 година, кога Саудиска Арабија донесе немири на пазарот со ценовната војна. За време на ценовните конфликти од 1998/1999 година и 2015/2016 година, индустријата, исто така, помина низ намалувања, но не толку многу. Денес, светот едноставно не може да пумпа нафта на сегашното ниво од околу 100 милиони барели на ден, а побарувачката е за 20 проценти пониска. Суфицитот би го пополнил капацитетот на складирање за само неколку недели.

На некои пазари каде инфраструктурата е недоволно развиена, тоа веќе се случува. На пример, Пакистан нареди своите рафинерии да престанат со увоз на бензин и дизел бидејќи резервоарите се веќе полни.

На пазарите кои немаат пристап до море, недостатокот на капацитет за складирање може да биде клучен фактор, бидејќи кога ќе се наполнат резервоарите на копно, трговците користат офшор резервоари за да складираат нафта таму и да чекаат да се зголемат цените.

Без резервоари или пристап до морето, цените на нафтата на локалните физички пазари би можеле, предвидува „Блумберг“, да паднат на нула или дури и да бидат во минус, што значи дека производителите би можеле да започнат да им плаќаат на клиентите за да се ослободат од нафтата.

Поврзани содржини