ЏАБЕ ТИ Е НАЛЕПНИЦАТА АКО НЕМАШ „СК“ НА РЕГИСТРАЦИЈАТА Паркинг-местата за инвалиди се резервирани само за скопјани?

Жителите на Скопје треба да достават барање со кое ќе им се овозможи повластено користење на нашите паркинг-простори, а таа услуга нема да им се наплатува. Истото важи и за лицата со попреченост, доколку станува збор за зони во кои времето е ограничувачко, велат од ЈП „Градски паркинг“.

3,024

Јавното претпријатие „Градски паркинг“ е „мајка“ за лицата со попреченост од Скопје кои ги користат паркинг местата кои се специјално бележени за оваа категорија на наши сограѓани, но и „маќеа“ за оние кои во главниот град пристигнуваат од другите градови, но и оние кои доаѓаат од други држави.

Граѓаните на Скопје кои имаат одреден вид на попреченост, можат во ЈП „Градски паркинг“ да поднесат барање за користење на повластена паркинг услуга на местата кои се обележани, а кои ќе им овозможат полесен пристап, а за таа услуга немаат потреба да плаќаат надомест. Лицата со инвалидитет имаат обележани места на зонските паркиралишта, но сепак, оние кои не се од Скопје, како и посетителите од други држави, може да заработат казна, и покрај тоа што нивното возило е обележано со налепница на која пишува дека возилото го користи лице со попреченост.






За ваква случка ни раскажа наш сограѓанин кој веќе подолго време живее во странство, а е лице со попреченост.

На едно од зонските паркиралишта, посочува тој, заработил парична казна, само затоа што се паркирал на место кое токму обележано за лица како него.

– Пред неколку дена бев шокиран кога видов дека на моето возило има поставено блокатор на тркалото. На паркинг место кое е наменето само за лица со попреченост или одреден степен на инвалидитет, а за кое јас поседувам налепница на возилото, мене ми беше напишана казна. Кога го паркирав автомобилот на обележаното зонско паркиралиште, испратив порака преку телефон за да платам паркинг за два часа, бидејќи стануваше збор за место кое временски ограничено, но сепак ми беше поставен блокатор, што навистина ме изненади – вели нашиот соговорник.

Тој додава дека веднаш стапил во контакт со службите, ја платил казната, а кога ги запрашал вработените зошто му е поставен блокатор, тие едноставно му одговориле дека не е жител на Скопје и дека не може да се паркира на обележаните места за лица со попреченост.

– Навистина не ми е јасно, како во целиот свет, така и во Скопје, паркинг-местата за лица со одреден степен на инвалидитет им е потребен поголем простор со цел полесно со количка или со друго помагало да можат да пристапат до возилото, но тука во Скопје тоа не важи – ни рече разочарано нашиот соговорник.

Поради тоа запрашавме во ЈП „Градски паркинг“ кој точно може да го користи паркинг-просторот наменет за лица со попреченост, и дали тоа навистина не важи оние кои не живеат во Скопје.

– Жителите на Скопје треба да достават барање со кое ќе им се овозможи повластено користење на нашите паркинг-простори, а таа услуга нема да им се наплатува. Истото важи и за лицата со попреченост, доколку станува збор за зони во кои времето е ограничувачко – одговорија кусо од ЈП „Градски паркинг“.

За истиот проблем укажуваат и од Здружението на лица со телесен инвалидитет на град Скопје – Мобилност Скопје, и покрај тоа што тие се благодарни дека Советот на Градот Скопје преку ЈП градски паркинг Скопје, им овозможува на нивните членови од Скопје да ја користат оваа бенефиција и можност за користење на обележаниот паркинг простор за лицата со инвалидност, но реагираат на тоа што на нивните членови од другите градови не им е овозможена оваа поволност.

– Меѓутоа, градот Скопје како најголем град во земјава, претставува административен, политички, стопански, културен, здравствен и образовно-научен центар. Заради тоа, од најразлични причини, а пред сѐ здравствени или административни, нашите членови од внатрешноста на Република Македонија секојдневно пристигнуваат во Скопје со своите возила и иако со иста и еднакво тешка физичка состојба, не им е дозволено да ги паркираат своите возила на обележаните паркинг места за лица со инвалидност, дури во некои случаи возилата им биле кренати од пајак службата и биле принудени да го платат надоместокот за користењето на специјалното возило – пајак за да си го преземат своето возило. Ова не е случај во другите градови од внатрешноста (на пример во Битола, Охрид, Куманово…) каде што лицата со телесен инвалидитет своите обележани возила можат да ги паркираат на места обележани за паркирање на возила на лица со инвалидност без оглед на регистарската табличка и градот во кој истото е регистрирано – реагираат од Мобилност.

Од здружението се надеваат дека нивното барање ќе наиде на потполно разбирање од надлежните институции од градот Скопје и ќе се донесе измена на Одлуката за јавните паркиралишта од значење за градот Скопје во корист на лицата со телесен инвалидитет.

Од друга страна, од ЈП Паркинзи на Општина Центар велат дека лицата со посебни потреби поседуваат повластена паркинг карта за инвалиди која се издава од страна на претпријатието и истата не се наплаќа.

Со оваа паркинг карта, лицата можат да ги користат сите обележани и комерцијални паркинг места наменети за лица со посебни потреби на паркиралиштата со кои стопанисува претпријатието.

Оттаму додаваат дека паркинг карта за лица со посебни потреби може да им биде издадена на сите државјани кои ги исполнуваат условите, согласно по законски прописи и подзаконски акти на јавното претпријатие.

– Со издадената паркинг карта можат да паркираат на комерцијалните и наменските обележани паркинг места за лица со попреченост. Доколку државјаните не поседуваат паркинг карта за лица со посебни потреби, можат да паркираат единствено на наменските обележани паркинг места со ознака од здружението за лица со посебни потреби. Странските државјани не можат да поднесат барање за паркинг карта за лица со посебни потреби, па тие можат да ги користат наменските обележани паркинг места со ознаката на возилото дека се работи за лице со посебни потреби – ни одговорија од ЈП „ПОЦ“.

Поврзани содржини