ПРОБЛЕМИ ИМА АМА ГИ РЕШАВАМЕ Ѓорѓиевски затекнал 16 камиони во Комунална хигиена, сега има 50, а ќе добие уште 30 камиони

483

Состојбите и функционалноста или нефункциналноста на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, на ЈСП „Скопје“ и на сите јавни претпријатија е далеку подобра денес отколку пред 30 дена. Јас сум градоначалник еден месец, кој наследи долг од близу 300 милиони евра, но и целосно девастирани и уништени јавни претпријатија, изјави вчера градоначалникот на Скопје и претседател на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски.

Тој рече дека првиот ден кога стапил на функција во Градот, „Комунална хигиена“ имала 16 камиони.






– Никогаш нема да се жалам и не покажувам слабост, иако имаме сериозни проблеми. Никогаш нема да го обременувам мислењето и расположението на нашите сограѓани затоа што ми е обврска, пред народот што ми дал доверба, јас да дадам сѐ од себе и да ги поправам состојбите – рече Ѓорѓиевски.

Тој соопшти дека во моментов има 50-тина камиони на „Комунална хигиена“  што се во функција.

– Да, имаме дефекти. Се случуваат пропусти и не сме совршени. До март или до април следната година обезбедуваме средства во буџетот за да набавиме нови камиони. Од страна на Министерството за транспорт и Светска банка и пред сѐ со поддршка на премиерот ќе ни се обезбедат уште 30-тина камиони. Тоа не се процеси кои се решаваат преку ноќ – изјави Ѓорѓиевски, кој додаде дека е намален бројот на диви депонии во Скопје и оти кејот, плоштадот и централното градско подрачје се исчистени.

Тој додаде дека околу 600 лица кои биле на платни списоци се отстранети од работа и не се вработени нови лица.

– Со помалку лица работиме и даваме сѐ од себе. Состојбите нема да ги решиме преку ноќ, но даваме сѐ од себе – нагласи Ѓорѓиевски.

 

Поврзани содржини