„ПРОБЛЕМАТИЧНА“ ЗА РАБОТА НА НОВИНАРИТЕ Земјава се најде на 57 место според слободата на печатот
Според Светскиот индекс на медиумски слободи објавен од Репортери без граници, во светот се случува двојна поларизација, интензивирана од информацискиот хаос, а таа е присутна и во одделни земји и во односите меѓу земјите на меѓународно ниво.
Земјава според најновиот Светски индекс на слобода на печатот на Репортери без граници се најде на 57 место, во групата на проблематични земји. Тоа сепак е напредок од 33 места во однос на Светскиот индекс во 2021 година кога земјава беше рангирана на 90 место.
Во групата „проблематични“ се и Косово (61), Црна Гора (63), Босна и Херцеговина (67), Киргистан (72), Србија (79), Унгарија (85), Грузија (89), Бугарија (91), Украина (106), Ерменија (51), Словенија (54) и Романија (56).
Хрватска се најде на 48 место и во категоријата „задоволува“.
Според Светскиот индекс на медиумски слободи објавен од Репортери без граници, во светот се случува двојна поларизација, интензивирана од информацискиот хаос, а таа е присутна и во одделни земји и во односите меѓу земјите на меѓународно ниво.
Извештајот за 2022 година, што ја проценува состојбата на новинарството во 180 земји и територии, укажува на катастрофалните ефекти од информацискиот хаос што произлегува од глобализираниот и нерегулиран онлајн информативен простор, кој поттикнува ширење на лажни вести и пропаганда.
Норвешка останува на врвот на светскиот индекс за слобода на печатот во Европа. Најслабо рангирани се Северна Кореја (180), Еритреја и Иран. До нив се Мјанмар (176) и Кина (175 место).
Во Извештајот за земјава се наведува дека иако новинарите не работат во непријателска атмосфера, распространетите дезинформации и недостигот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади.
Во однос на политичкиот контекст се наведува дека „целокупната средина останува поволна за слободата на печатот и дозволува критичко известување, иако транспарентноста на институциите е прилично слаба. Поради силната политичка поларизација, медиумите можат да бидат подложени на притисок од страна на властите, политичарите и бизнисмените“.
„ Двете најголеми партии (на власт и во опозиција) создадоа паралелни медиумски системи врз кои го вршат своето политичко и економско влијание. Јавниот радиодифузен сервис нема уредувачка и финансиска независност“, се наведува во Извештајот.
Во однос на правната рамка се наведува дека додека Уставот ја гарантира слободата на говорот и забранува цензура, земјата заостанува во однос на усогласувањето на законодавството за медиумите со стандардите на Европската Унија, на која има намера да се приклучи.
„Судската злоупотреба на Законот за граѓанска одговорност за клевета поттикнува самоцензура во медиумите. Тужбите се користат како алатка за заплашување и притисок врз независните медиуми. Етичката рамка е составена од Кодекс на однесување и медиумски саморегулатор што и двете поттикнуваат добри новинарски практики, иако имплементацијата е слаба“, се вели во Извештајот.
За економскиот контекст се вели дека „иако одредени видови медиумска концентрација се забранети со закон, редакцијата на некои од главните ТВ канали е изложена на економски притисоци од нивните сопственици. Државното финансирање е ограничено и нетранспарентно, а независните медиуми во голема мера се потпираат на донаторите. Странските грантови засновани на проекти придонесуваат само за опстанок, но не и за понатамошен развој. Постои влијание меѓу маркетиншките агенции и одредени медиумски куќи“.
Во однос на безбедноста се наведува дека иако 2021 била релативно мирна, новинарите се често мета на вербални напади.
„Под изговор за заштита на државните тајни и личните податоци, тие може да бидат изложени на правен притисок и навредливо гонење. Сепак, судовите имаат тенденција да ја поддржуваат слободата на печатот и да ги штитат новинарите. Се подготвуваат амандмани за подобра заштита на новинарите“, се наведува во Извештајот на Репортери без граници за земјава во однос на Индексот на слобда на медиумите.