Пробиени се роковите на 17 од 19 истраги на СЈО, Јовески молчи пред Стејт департментот
Во овие 17 истраги на СЈО правда чекаат стотина осомничени лица, кои со години живеат во неизвесност дали ќе им биде покренато обвинение и кога ќе почне судскиот процес.
Само две истраги од отворените 19 на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) завршија со обвинение и за нив почна судски процес. Станува збор за „Друмарина“ и „Моќник“, велат од Коалицијата сите за правично судење за Плусинфо, откако вчера Стејт департментот во најновиот извештај забележа дека македонските обвинители ги пробиваат законските рокови во истрагите и за тоа не сносат никаква одговорност.
Во овие 17 истраги на СЈО правда чекаат стотина осомничени лица, кои со години живеат во неизвесност дали ќе им биде покренато обвинение и кога ќе почне судскиот процес.
Во предметот „Актор“ каде осомничени се 11 лица истрагата почнала во март 2018 година, во „Пациент“ осомничени се 15 лица со почната истрага во октомври 2018 година, 13 лица се осомничени во „Империја“ предмет за кој истрагата е почната во ноември 2018 година.
Десетмина осомничени чекаат правда во „Транспортер“, предмет отворен во декември 2017 година, во „Поштенска банка“, деветмина во „Пропаганда“, четворица во „Дизајн“, по тројца во „Подарок“ и „Хармонија“. Двајца осомничени има во „Попис“ и „Странски служби“ и по еден осомничен има во „Табла“, истрага која се смета за најстара, а почната е во март 2017 година против поранешен директор на основно училиште осомничен дека незаконски склучил договор да се гради училиште во Зајас, во 2006 година.
Меѓу 17-те истраги се и „Базни станици“, „Рентген“, „Продуцент“,„Тарифа 2“. Истрагата за „Странски служби“ исто така е почната во 2017 година, кога СЈО отворило уште седум истраги со звучни имиња, но до денес нема информација до каде е истрагата, ниту пак слушнавме дека било кој од обвинителите кои ги презедоа предметите од СЈО е опоменат поради пробивање на рокот за истрага или дека е поведена дисциплинска постапка, иако Основното јавно обвинителство вчера објасни дека роковите за истражната постапка предвидени во член 301 од Законот за кривична постапка (ЗКП) се инструктивни и за нивното продолжување нема правни последици.
– Согласно чл. 301 од ЗКП за кривичните дела кои не се од областа на организираниот криминал истрагата може да трае најмногу до 15 месеци, додека пак за кривичните дела од областа на организираниот криминал истражната постапка може да трае најмногу до 21 месец. СЈО во периодот од 2017 до 2018 година отвори 19 истраги. На 5 септември 2019 година предметите се преземени од Јавното обвинителство, а од тогаш само за два предмета е покренато обвинение – велат од Коалицијата за правично судење за Плусинфо.
Ване Цветанов од „Зелена лупа“, невладина организација која обвини дека обвинителите ги чуваат предметите во фиока, вели дека на македонските јавни обвинители, „заеднички им е еден синдром – кариерата на нивните колеги обвинители им е поважна од судбината на обвинетите на кои им се прекршуваат човековите права поради судската неефикасност“.
Во Законот за јавно обвинителство има пропишано лек за обвинителите кои совреме не си ја завршиле работата. Таму јасно пишува дека ажурност и ефикасност во работењето значи во законски утврдени рокови постапување и одлучување по кривични пријави, ефикасно спроведување на претходната постапка, застапување на обвинение, присуство на седници пред судот и почитување на законските рокови за поднесување на редовни правни лекови. Постапка за утврдување на одговорност на јавните обвинители за сторена дисциплинска повреда се спроведува по образложен предлог на јавниот обвинител. На потег е обвинителот Љубомир Јовески.