Признание за неспособност

Еден од најодговорните во процесот на привлекување на странски инвестиции во Македонија, директорот на Дирекција за ТИРЗ, потврди дека државата НЕМА стратегија за привлекување на странски инвестиции (значи не знае каде тера) и уште полошо, дека смета дека нема потреба од стратегија (значи, не знае дека нема поим каде тера).

3,580

Деновиве слушнавме признание за неспособност и сопствена негација. Конечно некој собра храброст да признае дека не знае КАДЕ и КАКО тера кога станува збор за странските инвестиции. Според тоа, логички след и заклучок би биле дека не треба ни да постои.

Еден од најодговорните во процесот на привлекување на странски инвестиции во Македонија, директорот на Дирекција за ТИРЗ, потврди дека државата НЕМА стратегија за привлекување на странски инвестиции (значи не знае каде тера) и уште полошо, дека смета дека нема потреба од стратегија (значи, не знае дека нема поим каде тера).






Исто така, јавно призна дека „странските компании сами го наоѓале патот до индустриските зони“ и според тоа (и според бројките) „нема потреба од стратегија“. И ова онака, со леснотија …

Тогаш, зошто постојат овие институции за привлекување на странски инвестиции, кога не привлекуваат инвестиции?!

Дали ова значи дека Агенција за странски инвестиции и Дирекција за ТИРЗ со над 130 редовно вработени и уште дополнително ангажирани лица како договорни услуги (дали затоа што вработените не се доволни или не се способни???) и со годишни буџети од над 43 милиони евра и просечни месечни плати по вработен од над 52.000 денари, функционираат без никаква стратегија, така стихијно, без никаква идна перспектива или концепт?

Нивниот скапо платен ПР е наменет исклучиво за домашното гласачко тело преку рекламирање на локални медиуми!, (наспроти кампањата Invest in Macedonia на CNN, FТ, FAZ, Economist и др. наменета за странски компании-потенцијални инвеститори и меѓународната бизнис јавност) постојано се фали со зголемен број на вработени и зголемен извоз, а истовремено признаваат дека „не се виновни“. Немале таква цел, насоки, таргет, планирани активности за постигнување на конкретен резултат, туку странските компании самите дошле во државава да инвестираат. Или уште полесно, оние кои веќе инвестирале, продолжуваат да инвестираат во проширување на своите производни капацитети.

Поразителни се резултатите од најновата анкета на Асоцијацијата на странски инвестиции со технолошко напредно производство според која како најголеми пречки во работењето компаниите ги истакнуваат бирократијата и непостапување на администрацијата, правната неизвесност и честата промена на регулативата, а дури 45% од испитаните странски компании сметаат дека состојбата со грижа за корисници во последната година е подеднакво неповолна или дека има уназадување! Дополнително, кај инвеститорите расте степенот на задоволство од работењето на локалните власти и органи, и покрај нивните ограничени ресурси споредено со оние на централните агенции. Во 2022 година само 52% од нив изјавиле дека би реинвестирале, додека во 2021 расположението за реинвестирање било доста повисоко, 75%. Следствено на ова, единствена оправдана реакција на нашите релевантни институции е „институционално харакири“ или самораспуштање и преземање на лична и морална одговорност.

Изградбата на институционален систем за привлекување и поддршка на странските и домашните инвестиции, основањето и изградбата на технолошките индустриски развојни зони, беше долгорочен процес на кој се работеше со многу ентузијазам и знаење, и секогаш врз основа на национална стратегија и компаративни искуства. Воспоставувањето на ТИР зоните како концепт беше успешен проект од кој се очекуваа идни бенефити за економскиот развој на државата и за националниот буџет. И тоа се случува денес, и покрај критиките на тогашните „шарени експерти“. Оттаму и нето растот на вредноста на извозот и бројот на вработените е резултат на работењето на инвеститорите присутни во земјата подолг период, а не на популистички активности и изјави надвор од каква било стратегија.

Така, Македонија успеа да влезе на инвестициските мапи на мултинационалните компании и повеќе години да биде поволна локација за инвестирање во производствената индустрија. Тогаш повеќе странски инвеститори започнаа долгорочни и сеопфатни анализи за донесување на одлука за инвестирање во Македонија. За среќа, некои од нив сè уште ги спроведуваат овие одлуки и инвестираат внимателно и етапно.

Последниве неколку години Македонија, за жал, ги изгуби позициите на лидер во регионот по број и квалитет на привлечени странски инвестиции и атрактивноста како локација за инвестирање. Затоа нема нови странски компании, реномирани брендови, кои започнале процес на анализи и носење на одлука за инвестирање, туку броењето на странските инвестиции се сведува на реинвестиции на компаниите кои веќе инвестирале, или пак, ги реализираат претходно донесените одлуки за инвестирање.

Од почетокот на пандемијата во 2020 па наваму, продолжувајќи со војната во Украина и енергетската криза, додека во светот се случуваше големо глобално релоцирање на производствените капацитети и индустрии водени од принципот на доближување на добавувачите до производителите, преселба на производството од Украина, нашите надлежни институции се утврдија во рововите (читај – фотелјите) и кабинетски (или онлине) „ги следеа состојбите“.  Сè уште ги „следат“. Единствените активности се презентации пред домашната јавност за работењето на ТИРЗовите, за платите, за извозот, итн., без никаква проактивност и најави за нови инвестиции или реализација на најавените инвестиции.

Доколку само погледнеме во нашето блиско опкружување, соседните држави паметно го искористија периодот на глобални предизвици особено во преработувачката индустрија, како и пониска конкуренција од регионалните локации (Македонија на пр.) и секојдневно најавуваат нови странски фабрики.

На пример, вредноста на странските директни инвестиции во Србија во изминатите неколку години е континуирано околу 3-4 милијарди евра годишно. Само во текот на изминатата година таму инвестираа германските Koepfer и Gruner, најавени се проширување на Continental, Rivian Development center, IBM Development Center, јапонските Toyo Tires и NIDEC, швајцарската Нестле и други. Изминатите неколку кризни години Бугарија исто така бележи пораст на странските директни инвестиции. За 2022 година пораст од над 15% на нето странски директни инвестиции или над 1,5 милијарди евра. Како што се зголемува учеството на странските директни инвестиции во Западен Балкан, учеството на Македонија е сè помало, посебно во последните 5 години.

Македонија, не успеа да го задржи вниманието и да одговори на потребите на постојните инвеститори, а уште помалку да привлече нова странска инвестиција и затоа продолжува да сурфа на бранот на проширување на капацитетите на постојните инвеститори.

Затоа, нека не ве чуди што се поголем број млади и работоспособни луѓе заминуваат од државата и што цели региони остануваат празни. Таму можеби постојат ТИРЗови, но нема повеќе луѓе за работа. А за празните зони, замислете веќе имаат стратегија-ЗЕЛЕНА!!! Допрва ќе ги полнеле, но не со фабрики и работници, туку со фотоволтаици.

Неспособноста не се прикрива со голи фалби и шарени презентации пред домашна публика. Потребен е висок професионализам, многу знаење и работа, кои покажавте и признавте дека ги немате. Затоа, напуштете ја сцената.

 

Поврзани содржини