Признание
Во договор со Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, Плусинфо повремено ќе преобјавува делови од негови колумни објавени во дневниот весник „Дневник“. На тој начин, освен што ќе ги освежиме сеќавањата на овој исклучителен интелектуалец, сакаме да придонесеме и за активностите на Фондацијата која го продолжува неговото благородно дело.
РЕПРИНТ (Објавено во „Дневник“ на 27.01.2000 година)
Човек понекогаш знае да биде возбуден од нешто, а да не биде свесен за својата возбуда. Тогаш во дејство обично стапува несоницата. Нема ни забрзан пулс ниту пак покачен крвен притисок, навидум е сосема прибран, мирен, само – никако да заспие! И почнува да размислува за нешто што треба да го стори, а тоа уште повеќе го оддалечува од сонот.Токму тоа ми се случи ноќеска. Легнав релативно рано (во два часот по полноќ) и убаво, мирно спиев до четири, кога се разбудив и станав да се напијам вода и го чув Марко (магарето на соседот) како збеснато тропа со копитата по лимените ѕидови на својата подвижна куќичка со која го возат по градот и со него, вапсан како зебра, ги сликаат дечињата. Така мојот досетлив сосед се обидува да заработи некоја паричка и да преживее. Арно ама ноќе на Марко воопшто не му е удобно во тесниот метален затвор, па по цела ноќ тропа ли тропа кутриот без да има кој да му помогне.
Да сме Англија секако би се нашол некој да го пријави и соседот да одговара за измачување на животно. Ама не сме Англија, туку Балкан бавча, Македонија, а во неа никој не се грижи ни за луѓето, а камоли за животните. Пред некој ден минувам преку Камениот мост по едно кучешки луто време, студот просто апе по образите, а некои Цигани среде мостот (врз едно лито картонче) оставиле бебе не постаро од две години за да пита за нив. Лежи кутрото, не мрда. Луѓето минуваат, вртат глава или им пцујат сѐ по список на бездушните родители.
Да сме правна држава, како што не сме, г. Ставре Џиков би ги викнал на рапорт скопските обвинители да ги распраша чуле ли некогаш за чл.201 ст. 2 КЗ (кој со затвор од три месеци до три години ги казнува родителите што од користољубие го наведуваат своето дете на питање). Но, како што на овие страници повеќе пати констатиравме, г. Џиков очигледно има поважни работи општо да се грижи за примената на Кривичниот законик, било да е во прашање Циле Национале, било да се во прашање питачите. Дотолку повеќе што последниве се Роми, а тој (и преку селективната примена на законот?) мора да дава свој придонес за “релаксираните меѓуетнички односи”.
Ете такви мисли фатија да ми се вртат по главата, во чиешто некое катче дремеше и сознанието дека е вторник и дека денес треба да си ја напишам “домашната работа” (како што самиот ги нарекувам моиве колумни). И така, мислејќи си од едно на друго на трето стана девет часот, а јас око не заклопив. Околу девет сум заспал (сега сме на зимски распуст, па може да си го допуштам луксузот на дневно доспивање), та сум поспал едно два часа.
Целата колумна прочитајте ја на следниот ЛИНК.
***
Сакате да продолжите со читањето на останатите 319 колумни? Обезбедете си примерок!
Оваа колумна е само една 319-те издадени во збирката наречена едноставно „Колумни“. Оваа книга, како и сите останати во издание на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, не се продаваат на „традиционален“ начин. туку се добиваат како благодарност за вашата донација. Финансиските средства обезбедени од донациите ќе бидат употребени за помош при школување и вработување на деца без родители, што е една од стратешките определби на Фондацијата.
Инструкции за нарачување За да ја добиете оваа книга, кликнете на копчето Донирај на следниот ЛИНК и во полето за забелешка наведете ја адресата на која сакате да ви биде доставена книгата. Донирајте износ по Ваш избор во Фондот за школување на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, а книгите заедно со автограм од авторот ќе Ви бидат доставени на Вашата домашна адреса. Забелешка: Можете да донирате износ по Ваш избор, но не помал од 1500 ден + поштарина. Поштарината за испорака во Македонија изнесува 130 денари. За испорака надвор од Македонија, контактирајте ја Фондацијата претходно.