ПРИВРЕМЕНО ОДЗЕМЕНА ЛИЦЕНЦАТА НА „БОГА ТРАНС“ Возачот на автобусот возел без лиценца за меѓународен превоз

Превозникот фалсификувал и документи за автобусот кој сообраќал од Скопје за Истанбул.

523

Министерството за транспорт и врски привремено  ја одзеде лиценцата за работа на превозникот „Бога Транс“ од Скопје чиј автобус во декември беше запленет кај Миладиновце бидејќи бил со фалсификувана сообраќајна дозвола и број на шасија, а  возачот немал лиценца за меѓународен сообраќај.

Како што е соопштено, на превозникот му се одземаат лиценците за внатрешен и за меѓународен превоз на патници, како и изводите од лиценци бидејќи работел спротивно на законот за превоз на патен сообраќај.






Од Министерството велат дека „Бога Транс“ поседувал лиценца за вршење на внатрешен слободен и посебен линиски превоз на патници, како и лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници. Исто така превозникот поседувал и важечки изводи од лиценци за вршење на внатрешен слободен и посебен линиски превоз на патници и изводи од лиценци за вршење на меѓународен слободен превоз на патници.

Но одземање на лиценцата побарал  Државниот инспекторат за транспорт кој извршил вонреден инспекциски надзор на 21.12.2021 година.

„Надлежниот инспектор констатирал дека и покрај тоа што превозникот поседувал важечки лиценци, возачот не поседувал валиден сертификат за вршење на дејност во меѓународен сообраќај. Со тоа, утврдени се неправилности во работењето на правниот субјект, односно работел спротивно на Законот за превоз во патниот сообраќај. Имено, согласно член 8 став 1 точка 3 од Законот за превоз во патниот сообраќај, домашно правно или физичко лице може да добие лиценца ако исполнува одредени критериуми, меѓу кои да има вработено во работен однос минимум еден возач по моторно возило. Бидејќи превозникот „Бога Транс“ во моментот на инспекцискиот надзор не ја запазил оваа одредба од Законот, Министерството за транспорт и врски по барање на Државниот инспекторат за транспорт, донесе Решение за привремено запирање на вршење на дејност“, се наведува во соопштението.

Поврзани содржини