Приведени сопственици на три угостителски објекти
Според информациите од МВР, во еден од објектите во текот на вчерашниот ден била прекината прослава со околу 80 гости.
Во текот на вчерашниот ден во временскиот период од 16:00 до 23:00 часот на подрачјето на СВР Скопје во соработка со Државниот пазарен инспекторат извршени се зајакнати контроли во угостителски објекти при што се контролирани 297 објекти.
– Од преземените мерки и активности констатирани се непочитувања на законите на подрачјата на ПСОН Бит Пазар, ПО Сарај и ПС ОН Аеродром и објектите се затворени,а ќе следуваат и соодветни кривични пријави – се вели во соопштението од МВР.
Оттаму велат дека во 18:20 часот во објект на ул.Отокар Кершовани, сопственост на А. Ш. , затекнати се гости, по што објектот е затворен од ДПИ, а против сопственикот ќе биде поднесена кривична пријава по член 206 од КЗ.
Во ресторан во с.Бојане сопственост на Б.Б. биле затекнати околу 80 гости, кои присуствувале на прослава. Прославата е прекината во 16:30 часот, по што од страна на ДПИ објектот е затворен, а ќе следува и соодветна кривична пријава.
Во 19 часот во угостителски објект на ул.Венијамин Манчуковски се затекнати 9 лица-гости и објектот е затворен од страна на ДПИ, а одговорното лице Ј.Н. е приведено и ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.