Приведени се двајцата насилници од Штип кои тепаа девојка во влез од зграда за што објавија видео снимка на Фејсбук, соопшти министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.
На социјалните мрежи денеска се појави вознемирувачко видео на кое се гледа како две момчиња брутално тепаат девојка, која притоа ја обвинуваат дека излажала дека е бремена.
Ова видео со голема брзина се рашири по социјалните мрежи и според коментарите може да се дознае дека овој немил настан се случил во Штип, а притоа беше и откриен индентитетот на двајцата насилници, кои претходно видеото го имале споделено на „Фејсбук“.
Меѓу бројните коментари дека случајот треба да биде пријавен во МВР и истото да биде известено на „Фејсбук“ се огласи заменичката на министерот за внатрешни работи, Славјанка Петровска.
„Почитувани, на социјалните мрежи се споделува видео со навистина вознемирувачка содржина, кое содржи очигледни елементи на насилство. Ве известувам дека лицата се идентификувани, Бирото за јавна безбедност постапува. Постапува и Центарот за социјални работи. Најстроги санкции за ваквото нечовечко однесување“, објави Петровска.
Плусинфо стапи во контакт со СВР-Штип од каде што ни беше кажано дека се запознаени со случајот, но во моментов не можат да ни кажат повеќе детали, поради тоа што наскоро ќе излезат со официјално соопштение во врска со овој немил настан.
Во меѓувреме се огласи и министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, кој информира дека насилниците се лишени од слобода.
„Во врска со видеото кое утрово се споделува на социјалните мрежи, ја информирам јавноста дека од страна на Секторот за внатрешни работи Штип преземени се мерки за утврдување на идентитетот на лицата кои се препознаваат на видеото и истите се лишени од слобода за понатамошно постапување. Според информациите од ПС ОН Штип, станува збор за лицата С.А. и П.Р. За конкретниот настан и преземените мерки известено е основното јавно обвинителство. Министерството за внатрешни работи ги презема сите потребни мерки за целосно расчитување на случајот“, напиша Чулев на Фејсбук.
Штипското обвинителство информира дека отвори предмет по допрен глас откако на социјалните мрежи и медиумите беа објавен видео записи во кои се гледа насилство извршено над едно лице.
– Во насока на обезбедување услови за непречено водење на натамошната постапка и расчистување на кривично правниот предмет преку прибирање на материјални и вербални докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Штип издаде насоки и наредби до надлежните институции за пронаоѓање на сторителите и нивно приведување во полициска станица.Обвинителството во континуитет презема дејствија со цел сторителите да ги изведе пред лицето на правдата, соопшти Обвинителството.
ОБНОВЕНО
На првично објавената снимка јасно се гледаа ликовите и на жртвата и на напаѓачите. Од тие причини, Редакцијата на Плусинфо одлучи да не ја објави. Дополнително, по првичната објава на веста, се огласи и Хелсиншкиот комитет за човекови права, со следниот апел до медиумите: „Апелираме до медиумите и граѓаните да го отстранат видеото од насилничкиот акт врз девојката од Штип, кое се прошири на порталите и социјалните мрежи. Објавувањето и споделувањето на бруталниот видео материјал претставува продолжена виктимизација и понижување на жртвата. Да покажеме одговорност и емпатија и да не го дозволиме тоа!“
Сепак, во меѓувреме, откако случајот е расчистен. некои медиуми, како ТВ 21, објавија прилози во кои објавуваат дел од снимката, во кои ликовите се замаглени (а со тоа и опаснста од јавно идентификување на жртвата). Сметаме дека во случајов, објавувањето на инсерт од снимката, која ја покажува бруталноста на нападот, ќе ја сензибилизира јавноста во насока на најостра осуда на ваквите напади и ќе го засили јавниот притисок врз органите на прогонот да го расчистат случајот што побрзо и на тој начин да ја заштитат жртвата од натамошни напади. Од тие причини, го објавуваме прилогот на ТВ 21: