ПРИВЕДЕНИ РИБОКРАДЦИ ВО ПЕШТАНИ Запленети над 100 килограми риба и шест рибарски мрежи
Илегален лов во период на мрест заврши со заплена на риба вредна над 100 килограми и привремено лишување од слобода на двајца рибокрадци
Двајца жители на Пештани беа фатени на дело додека илегално ловеле риба во Охридското Езеро. Инцидентот се случил на 09.01.2026 околу 19:30 часот, на само 100 метри од брегот кај селото Пештани.
Полициските службеници во координација со рибочуварската служба пронашле во чамецот шест рибарски мрежи долги околу 720 метри и улов од 585 белвици со вкупна тежина од 106,8 килограми. Се работи за риба која е во период на мрест и која според правилата не смее да се лови.
Рибата, по проценка од експерти од Хидробиолошкиот завод во Охрид, била во фаза на расипување. Под присуство на полицијата, уловот бил предаден на Здружението на ловци од Охрид и безбедно уништен на соодветно место.
Д.К. и Н.С. се лишени од слобода и се приведени во полициската станица за гранични работи Охридско Езеро, а сите пловни средства и рибарски мрежи се одземени, како што наложуваат надлежните.