ПРИВЕДЕН Е ЕКС-ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ВОЕНИОТ СИНДИКАТ НА СРБИЈА Планирал насилна смена на уставниот поредок

Српското Министерство за внатрешни работи објави синоќа дека се уапсени шест лица под сомнение за планирање „насилна промена на власта“ во Србија.

1,057

Поранешниот претседател на Воениот синдикат на Србија, Новица Антиќ, чија куќа беше претресена синоќа, утрово е приведен, изјави неговиот адвокат за белградски медиуми. Според нив, Антиќ почнал штрајк со глад.

Претресот на куќата на Новица Антиќ е извршен со одобрение на Вишиот суд во Крагуевац, а под сомнение за две кривични дела: повикување на насилна промена на Уставот и подготовка на дело против уставниот поредок и безбедноста на Србија.






Српското Министерство за внатрешни работи објави синоќа дека се уапсени шест лица под сомнение за планирање „насилна промена на власта“ во Србија.

„Сомненијата се дека на 21 јуни се сретнале во хотел во Краљево со цел да испланираат насилна промена на власта во Република Србија и договориле напади врз претставници на државни институции, физички напади врз припадници на полицијата со цел нивно разоружување, насилни упади во зградата на Владата на Република Србија и други институции“, се наведува во полициското соопштение.

Според извештаите, планиран бил и напад врз медиумските куќи Радио Телевизија на Србија, провладините медиуми „Хепи“ и „Информер“ „со најава дека ќе употребат огнено оружје“.

Антиќ бил во притвор и во 2024 година, кога тој и двајца негови соработници биле уапсени на 27 февруари под сомнение за сторено кривично дело проневера. Набргу потоа, било избрано новото раководство на Воениот синдикат на Србија.
Антиќ претходно им изјавил на новинарите дека притисокот врз тој синдикат доаѓа од Агенцијата за воена безбедност, Министерството за одбрана и Генералштабот на вооружените сили на Србија.

Според медиумите, Антиќ бил ослободен од притвор во август 2024 година.

Во статија објавена во март истата година, бриселскиот портал Политико го етикетирал Антиќ како руски агент. Политико се повика на документ на западните разузнавачки служби, до кој новинарите на тој портал имале пристап. Во извештајот на службата, Антиќ наводно бил етикетиран како активен „агент на влијание“ за руската ФСБ.

Вишото јавно обвинителство објави вчера и дека Стефан Томиќ, 20-годишен студент што ги поддржува блокадите, бил приведен под сомнение за „повик за насилна промена на уставниот поредок“.

Неговото апсење го осудија студентите во блокадата на факултетот во Белград, како и неколку опозициски партии, оценувајќи дека станува збор за притисок и заплашување на студентите пред протестот на 28 јуни, Видовден.

Поврзани содржини