Субвенционирање на сите приватни здравствени установи кои што имаат под 1.500 пациенти за износот, до 1.500 капитирани пациенти, сите ПЗУ кои работат надвор од мрежата да бидат помогнати со бруто плати и да се зголеми бројот на пациенти по тим за добивање на лиценца на 1.500 до 2.000 жители, бара Здружението на приватни здравствени стоматолошки установи и приватни доктори по дентална медицина, кои денеска одржаа онлајн протест под мотото „Стоматологијата на респиратор“.
Дополнително, Здружението бара внесување во Закон за здравствена заштита методологија за
пресметка на минимални референтни цени на стоматолошки услуги, како и дефинирање на минимална плата за стоматолог и сестра во приватниот сектор, по примерот на јавно здравство и минималните референтни цени ФЗО да ги пресметува согласно предложената Методологија од здружението.
Претседателот на здружението Жарко Ѓорѓиев, порача дека овој протест е почетен, и најави дека ќе продолжи сѐ додека нема одговор од надлежните институции и не се седне на преговарачка маса да се реши проблемот.
– Нашите барања ќе бидат проследени до премиерот, Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување со надеж дека ќе добиеме повратен одговор со цел што поскоро да почнеме со преговори и да се реализираат барањата – рече Ѓорѓиев.
Пандемијата и новите протоколи за работа, посочи тој, дополнително ја отежнале работата и ги зголемиле трошоците.
– Притиснати од сите три проблеми пред два месеца со писмен допис до министерот за здравство побаравме прекинатите преговори да продолжат. До ден-денешен повратен одговор не добивме. Нашите барања да почнеме со преговори и промена на блок на финансирање како мерка за опстанок на приватните стоматолози сѐ уште се актуелни и заклучени во некоја фиока – изјави Ѓорѓиев.
На протестот беше посочено дека во општа стоматологија има повеќе од 800 тимови со помалку од 1.500 капитирани пациенти кои и досега не биле во можност да ги покријат основните трошоци за да исплатат минимални плати по тим. Затоа, Здружението бара напуштање на финансирањето во општа стоматологија по моделот на капитација и градење на нов модел на финансирање според завршена стоматолошка услуга со утврден минимален загарантиран праг на месечен износ по тим и анализа на реализираните услуги до и над договорениот фиксен дел.