ПРИВАТНИТЕ ПРЕВОЗНИЦИ СЕ ВРАЌААТ НА УЛИЦИТЕ? Арсовска најави новини во начинот на исплата на возачите
Арсовска соопшти дека приватниците се враќаат на скопските улици, но рече дека сè уште не се потпишани договорите со нив, бидејќи траат проверките на автобусите и документацијата на сите фирми кои конкурирале за добивање на работата. Колку време ќе трае овој процес не се знае.
До крајот на месецов на скопските улици треба да ги видиме приватните автобуси, а дали тоа ќе се случи, зависи од тоа дали нивните сопственици ќе ги прифатат променетите услови во договорите кои ги најави градоначалничката на Скопје Данела Арсовска и дали ќе можат да ги запалат автобусите без да им биде платен заостанатиот долг и месечниот аванс.
Арсовска соопшти дека приватниците треба да се вратат на скопските улици, но дека сè уште не се потпишани договорите со нив, бидејќи траат проверките на автобусите и документацијата на сите фирми кои конкурирале за добивање на работата. Колку време ќе трае овој процес не се знае.
– Она што го имавме како постапка, беше прекинато на два пати. Имаа недостатоци во документацијата, сега им е целосна документацијата, и во рамки на законски, јавниот повик е исполнет, договорот се склопува неделава, и очекувам скоро дека ќе се реши. Од прилика осум дена од потпишувањето на договорот приватните автобуси ќе се вратат на улиците и очекувам тоа да биде кон крајот на овој месец. Ова што го направија во изминатите неколку дена, имаше проверка во ЈСП на ГПС системите, и тоа како постапка беше завшрено, и сега следува само официјализација на договорот – рече Арсовска синоќа во гостување на ТВ21.
Арсовска соопшти и дека системот на исплата на превозниците е подобрен. Сега парите директно ќе им се исплаќаат на сметките поединечно на секој превозник за да нема систем „тебе олку, тебе толку“ и жалби од превозниците.
– Ние сме платиле до последно. Ние им ги плаќавме парите авансно, еден месец однапред за да имаат средства да возат наредниот месец, тоа се големи пари, по 400.000, 500.000, 600.000 евра однапред – нагласи Арсовска.
Ваквиот систем на плаќање, според познавачите на состојбите во градскиот превоз, е спорен бидејќи на огласот приватните превозници се јавуваат како група превозници која ја претставува еден превозник. Тоа од причина што 99% од превозниците не можат да ги исполнат условите за реализирање на обврските од пакет линиите, бидејќи немаат доволен број автобуси, возачи и друг кадар.
– Досега фирмата која ги претставуваше превозниците контактира со ЈСП и градот Скопје и преку диспечерскиот систем го следи обемот на работа на превозниците според бројот на автобусите и ги подготвува фактурите до ЈСП по добиениот извештај од Градот. Сега тоа ќе треба да го прави ЈСП кој преку сопствениот систем ја следи километражата направена од автобусите односно гаражните броеви, а не како фирми. За ова ќе биде потребен цел тим во ЈСП кој ќе контактира со фирмите, а во прашање се вкупно 150 приватни превозници. Дополнително со ваквиот начин на исплата можни се малверзации со приватните превозници бидејќи тие нема да имаат контрола на она што го работи ЈСП – вели соговорникот на Плусинфо.
Тој додава дека не верува дека приватните превозници ќе прифатат ваков систем на исплата на парите за сработеното бидејќи тие знаат каков обем на работа имаат.
Според него, ако се применува поинаков начин на работа и плаќање, како што предлага градоначалничката, ќе треба да се менува одлуката за линиски превоз во Скопје или да се распише нов оглас на кој превозниците ќе се јавуваат како поединци за одржување на одделни линии.
– На еден таков оглас нема да може да се јави ниту една компанија превозник, бидејќи во земјава нема компанија која има над 50 автобуси и вработени потребен број возачи и персонал за одржување на автобусите. Тоа значи дека повторно Градот ќе има проблем да обезбеди дополнителен број автобуси за нормално одржување на линиите – додава тој.
Советот на Градот во последните неколку месеци не расправал за некакви измени на Одлуката за линиски превоз во градот, ниту пак донел нова одлука која ги содржи новините кои ги најавува скопската градоначалничка.
Превозниците кои ја добија работата, молчат и ништо не изјавуваат во јавноста, но очекуваат пари од Градот за да можат да почнат да работат по шестмесечниот прекин и натрупаните рати од кредитите земени за подновување на возниот парк. ЈСП ним, треба да им исплати и месечен аванс за купување гориво и други потреби.
Ним ЈСП и Градот, според последните податоци по договорот за цесија направен меѓу приватниците и ЈСП, треба да им исплатат уште најмалку 60 милиони денари.
Да потсетиме, тие досега беа здружени во компаниите „Слобода превоз“ и „Мак-експрес“. Овие компании откако ЈСП не им го плати долгот лани го дадоа на суд.
Досега само кон „Слобода превоз“ се исплатени 35.629.561 денар, а остануваат уште 43.729.561 денар. Од вкупно 76 фирми кои беа здружени во оваа компанија ЈСП, според сопствени критериуми, го платил долгот само на 48 фирми. Исплатата кон приватните превозници која ја вршеја „Слобода превоз“ и „Мак-експрес“ досега се реализирала процентуално кон сите фирми зависно од нивниот обем на работа.
Скопјани кои секојдневно се соочуваат со долги чекања на автобуските постојки и турканици во автобусите на ЈСП го губат трпението.
– Каде се приватните превозници? Со месеци најавуваат и никаде ги нема. Секој ден турканици. Се вративме како пред 10 години. А ни беше ветено дека ќе се возиме бесплатно. Вака ли изгледа тоа? Преполни автобуси и чекање со часови – вели скопјанка.
Приватните превозници, според последниот јавен оглас, кој беше објавен минатиот месец, треба да опслужуваат 16 линии, поделени во 3 пакети.
Во првиот пакет се опфатени линиите со број 23, 45, 61, 63 и 73, вториот пакет се однесува на превоз на линиите 9, 11, 11А, 12, 47А и 55 и третиот пакет ги опфаќа линиите 19, 20, 22, 52 и 54. Тоа се истите линии на кои возеа пред половина година односно до протестот предизвикан од долгот кон нив од страна на ЈСП и Градот.