ПРИТИСОК НА ГРАНИЦИТЕ Туристички бран ги блокира „Табановце“ и „Богородица“
Зголемен интензитет на сообраќај и предупредување од АМСМ, внимателно возете поради можни одрони и изменет режим на дел од патиштата.
На граничните премини Табановце и Богородица утринава времето на чекање е околу 30 минути, соопшти Авто мото сојузот на Македонија.
На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од земјава.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На државните патишта сообраќајот се одвива непречено, по суви коловози.
АМСМ информира дека од денеска до 16 септември 2025 година, на делницата Градско – клучка Дреново, која е дел од Експресниот пат А1 и Коридорот 10д, ќе важи времен изменет режим на сообраќај поради изведба на проектот „Изградба на патна делница Градско – клучка Дреново“. Сообраќајот ќе биде пренасочуван и регулиран со поставена соодветна сообраќајна сигнализација.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.