Пристигна кинеската помош на скопскиот аеродром
Во оваа прилика тој нагласи дека ова не е инцидентна поддршка, туку претставува дел од континуираната помош која Народна Република Кина ја обезбедува за нашата земја.
Денеска на скопскиот аеродром пристигна помош од Народна Република Кина. По тој повод Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања и Национален координатор за распределба на странска помош во земјава, Бујар Османи и Амбасадорот на Народна Република Кина во земјава, Жанг Зуо остварија видео конференција на која испратија пораки и до јавноста.
– На скопскиот аеродром денеска пристигнаа преку пет илјади КОВИД тестови кои ни се исклучително неопходни и чии можности за набавка се ограничени, како и значајна заштитна опрема како што се заштитните скафандери, маски, заштитни капи итн. – истакна Османи, при што изрази огромна благодарност до Народна Република Кина и до амбасадорот Жанг Зуо, за огромниот ангажман во обезбедувањето на ова поддршка.
Во оваа прилика тој нагласи дека ова не е инцидентна поддршка, туку претставува дел од континуираната помош која Народна Република Кина ја обезбедува за нашата земја и претставува доказ за одличната соработка како со амбасадорот Зуо и неговиот тим, така и севкупно со Кинеската држава.