ПРИСТАПНИТЕ ПРЕГОВОРИ ДА БИДАТ ЗАШТИТЕНИ ОД УСЛОВУВАЊА Муртезани испрати порака од Берлин
Министерот за европски прашањана средбата во Берлин со неговиот германски колега истакна дека е потребно да зајакне надзорот на преговорите за да се гарантира кредибилитетот на пристапниот процес.
Процесот на проширување треба да остане заштитен од билатерални блокади и ревизионистички наративи и е неопходно воспоставување ефективни европски механизми за воведување и мониторинг на европските стандарди и експертиза, особено во доменот на историските и билатерални прашања, со цел да се обезбеди правичност и предвидливост на патот кон членството, истакнал министерот за европски прашања Орхан Муртезани на средбата во Берлин со неговиот германски колега Гинтер Крихбаум.
Како што соопшти Министерството за европски прашања (МЕП), во таа насока била потенцирана важноста од зајакнување на европските инструменти за надзор, како гаранција за кредибилитетот на евроинтегративниот процес.
Муртезани му честитал на министерот Крихбаум за неговото неодамнешно именување, посакувајќи му успех кој ќе се рефлектира позитивно не само на Германија, туку и на Европа и Западен Балкан.
Тој исто така изразил благодарност за континуираната германска поддршка и пријателство, подвлекувајќи ја важната улога на Германија во процесот на европската интеграција на Северна Македонија, особено за принципиелниот пристап на Берлин во заштитата на европските вредности и одвојувањето на билатералните прашања од пристапниот процес, како што беше потврдено и за време на германското претседателство со Советот на ЕУ во 2020 година.
„Во фокусот на разговорите биле и прашањата поврзани со евроинтегративниот процес при што заеднички беше констатирано дека трансформативната моќ на европската интеграција може да се реализира единствено преку пристап базиран на заслуги, кој ќе овозможи јасна и опиплива перспектива за граѓаните на земјите-кандидати“, се вели во соопштението на Министерството.
Муртезани нагласил дека европскиот проект не може да биде целосен без интеграцијата на Западниот Балкан и дека реформите, владеењето на правото и усогласувањето со европските вредности се услов без кој не може да се напредува, но и дека Унијата мора паралелно да обезбеди сопствена институционална подготвеност за проширување.
Тој ја поздравил и германската поддршка за постепена интеграција на земјите-кандидати во ЕУ, со зачувување на критериумите и европските стандарди, но и со обезбедување конкретни придобивки за граѓаните уште во текот на пристапниот процес.
Муртезани и Крихбаум разговарал и за актуелната Реформска агенда на Северна Македонија и за улогата на германските институции во евроинтегративниот процес преку поддршка на структурните реформи, јакнењето на владеењето на правото и доброто управување, како и преку реализација на бројни Твининг и Таекс проекти каде Германија често е водечки партнер.
Била потенцирана важноста на споделувањето на германското искуство за спроведување на европското законодавство (acquis) и за унапредување на институционалните капацитети на Северна Македонија за користење на европските фондови и имплементација на реформите.
Соговорниците размениле мислења за понатамошно унапредување на регионалната соработка преку Берлинскиот процес, кој претставува клучна платформа за зајакнување на добрососедството, економската интеграција и мобилноста во Западен Балкан, како и за реализација на Зелениот договор и Заедничкиот регионален пазар.
Од МЕП додаваат дека биле истакнати придобивките од конкретните иницијативи и договори постигнати во рамки на Берлинскиот процес, кои го унапредуваат европскиот дух и поврзаноста на регионот со Унијата.
Во текот на средбата биле разгледани и можностите за продлабочување на партнерството во иднина, преку интензивирање на соработката во клучните сектори, пренос на европско знаење и експертиза, како и преку заеднички проекти насочени кон подобрување на животот на граѓаните и приближување кон европските стандарди.