ПРИРЕДУВАЧИТЕ НА ИГРИ НА СРЕЌА БАРААТ ПОЛИТИЧАРИТЕ ДА ГИ ИЗЗЕМАТ ОД ПРЕДИЗБОРНИ ПРЕСМЕТКИ Џабе се воведува дистанца ако државата организира игри на среќа преку интернет
Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) апелира до Владата да не го предлага новиот драфт на закон за игри на среќа во собраниска постапка, затоа што смета дека предизборната реторика ќе ја загрози одржливоста на регулативата.
Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) апелира до Владата да не го предлага новиот драфт на закон за игри на среќа во собраниска постапка.
– Бараме од политичарите да престанат да нѐ ставаат во фокусот на дневно-политичките препукувања. Нам таму не ни е местото. Не сме против нов закон за игри на среќа кој ќе содржи одредби кои предвидуваат заштитни механизми за грижите на јавноста, но нема да дозволиме да бидеме жртви на политичка гилотина во предизборни цели – велат од Асоцијацијата.
Поучени од претходните искуства, во Асоцијацијата сметаат дека предизборната реторика многу штетно ќе влијае на процесот и дека повторно ќе почне партиска лицитација со предлози кои ќе имаат за цел промовирање на радикални решенија и конечно затворање на легалните објекти за игри на среќа.
„Таквиот пристап ќе спречи усвојување на долгорочна спроведлива регулатива. Неопходна е широка општествена дебата и инклузивен процес, наместо нов закон по секоја цена. Веруваме дека нашите предупредување ќе бидат примени со добра волја, без предрасуди и надвор од дневно политичките збиднувања. Искрено жалиме што и во новиот предлог закон се актуелизира противуставната и дискриминаторска одредба за воведување дистанца за легалните објекти за игри на среќа. Не е точно дека младите ќе бидат повеќе заштитени со дистанца од 500 метри. Ваквиот концепт е целосно промашен, неизводлив на терен и зависен од субјективна проценка на надлежните. Одговорно тврдиме дека дислокацијата е параван за клуч на врата на легалните објекти за игри на среќа. Критиките дека називите и излозите на спортските објекти ги привлекуваат младите и наводно така преку очите им се создава навика за игри на среќа, нема врска со реалноста. Ако ја прифатиме оваа логика, со истите аргументи ќе треба да се дистанцираат и кафулињата, кафеаните и тобаката за младината да не биде под ризик да стекнува зависност од алкохол и никотин. Особено што во новиот закон се предвидува големината на досегашните светлечки реклами за називите на објектите за игри на среќа да биде драстично намалена на најмногу 100 сантиметри должина и 30 сантиметри ширина“, се наведува во соопштението од Асоцијацијата.
Истовремено оттаму сметаат дека е целосно нелогично во исто време да се воведува дистанца на објектите и да ѝ се овозможува на државата да организира игри на среќа преку интернет. Онлајн игрите на среќа се достапни преку мобилни уреди, компјутери на секое место во државата и така младината е под постојан ризик да има непосреден контакт со игрите.
„Во услови на сериозни економски предизвици е целосно нерационално да се турка нов закон кој во пракса постепено предвидува целосно затворање на легална економска гранка и по автоматизам отворање играње на црно во подрумски простории, како децении наназад. Државата ќе ги изгуби контролата и неколку стотици милиони евра годишно кои се слеваат во државниот Буџет. Ние сме претставници и на реномирани странски компании кои во овие деловни услови индиректно помагаат меѓу 54.000 до 100.000 работни места во земјата, и најмалку што очекуваме е да бидеме третирани од државата во која инвестираме со децении на ист начин, како и странските инвеститори од други економски дејности. Особено што со вкупно 10.000 вработени сме најголемиот приватен работодавец во државата. Станува збор за општествено одговорни компании кои целосно го штитиме јавниот интерес и неселективно ја спроведуваме регулативата“, се додава во соопштението од АПИС.