ПРИПРАВНИК ТЕ ТУЖИ, ПРИПРАВНИК ТЕ СУДИ Весна Дамева никогаш не била судијка, ама затоа сега ќе им „расплаче мајка“ на судиите
Народот добива впечаток дека судиите коишто треба да одговараат за изборот на судиите и коишто треба да ја следат и да ја оценуваат работата на судиите, всушност, не се судии туку судски приправници и стручни соработници, коментира поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски.
„Дали власта го злоупотребува Уставниот суд за да си намести свои подобни кадри на клучни позиции?“
Ова прашање – на почеток како шепот, а подоцна како крик – почна да се шири помеѓу правниците откако вчера на позицијата претседател на Судскиот совет беше избрана Весна Дамева на местото на Павлина Црвенковска која минатиот вторник си поднесе оставка.
Безобразието не би било толку големо, коментираат правниците, доколку се испочитувало барем едно основно правило коешто со црни и задебелени букви е наведено во иницијативата: „шеф на Судскиот совет не може да биде правник кој не доаѓа од редот на судиите“. А еден од тие луѓе кои немаат право воопшто ни да помислат да се кандидираат за претседател на Судскиот совет е токму – Весна Дамева.
Новоизбраната шефица на Судскиот совет, односно главниот човек кој треба да седне на највисокото столче и оттаму да ја надгледува и да ја оценува работата на судиите, всушност, никогаш не бил судија.
Според нејзината официјално достапна биографија, Дамева е дипломиран правник која своето работно искуство најмногу го стекнала во Кривичниот суд Скопје, прво како приправник, а потоа и како стручен соработник. Никогаш не била судијка. За членка на Судскиот совет е избрана во декември 2019 година по предлог на претседателот на државата Стево Пендаровски.
Од гласините коишто кружат во јавноста може да се сфати и дека Данева наводно е блиска пријателка и соработничка со Добрила Кацарска од Уставен суд, а со која, како што објави Сведок, заедно ја пишувале пресудата за предметот „27 април“, кој сега е пред Врховниот суд.
Втор момент, а не помалку важен од првиот, кој ги загрижува правниците е тоа што Дамева во минатото била член на правната комисија во СДСМ. Во јавноста се појавија и фотографии на коишто е прикажано како новоизбраната шефица на Судскиот совет се дружи со членови на сегашното и на претходното раководство на СДСМ, вклучувајќи го и експремиерот Зоран Заев.
Дамева, сепак, вчера изјави дека со својата досегашна работа докажала дека има интегритет и тврди дека не е член на ниту една политичка партија.
– Пред мене стои само законот и ништо друго. Сега не сум член на политичка партија и не сум била член во времето кога сум избрана за член на Советот. Ние како граѓани имаме право да бидеме симпатизери на одредена политичка партија и јас не гледам ништо спорно во тоа – изјави вчера Дамева.
Правниците, пак, не гледаат голем проблем во тоа што Данева се фотографирала со Заев, туку проблем е тоа што таа воопшто не се ни обидува са скрие дека е симпатизер на СДСМ.
Како единствен предлог, Дамева на вчерашната седница беше изгласана со 10 гласа „за“ и 1 глас „против“, а функцијата претседател на Судски совет се избира со мандат од две години од редот на членови на Советот, кои се избираат од Собранието.
Класична злоупотреба
Една грешка, втора грешка, трета грешка. Само се повторуваат и се реплицираат грешките, а ние талкаме кон безизлезот без да сфатиме дека е потребна силна реформа и преиспитување на сите субјекти во системот, вели за Плусинфо поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски.
Народот ќе добие впечаток дека судиите коишто треба да одговараат за изборот на судиите, всушност, не се судии туку судски приправници и стручни соработници. Но, за жал, така стојат работите.
– Треба да постои желба за да се совлада неправдата преку овие изнајдени и утврдени механизми, односно преку Судскиот совет и преку Обвинителскиот совет да им се стави крај на кризите. Меѓутоа, кај нас такво нешто не постои. Кај нас упортно се оди кон другата крајност која е неприфатлива за правосудството. Така што, уставниот концепт на овие тела никогаш не се истакна во вистинското светло, туку напротив, дополнително се искомплицира. Затоа сега сме дојдени во ситуација кога луѓето од фелата, правниците, па и самите граѓани, да се искрено загрижени за состојбите. Слободно ќе кажам дека и претседателот на претходниот Судски совет, кој сам си поднесе оставка, беше човек без судски бекграунд. А нешто слично ни се случува и сега со новоназначената Весна Дамева за претседателка на Судскиот совет, која никогаш не била судијка, туку само судска приправничка. Токму тој човек сега, без ниту еден ден стаж како судија, ќе седне на врвот и ќе дава тон и оценки за работата на одредени судии – објаснува Ивановски.
Ваквите потези, според Ивановски, создаваат лутина, но и недоверба кај граѓаните.
– Народот добива впечаток дека судиите коишто треба да одговараат за изборот на судиите и коишто треба да ја следат и да ја оценуваат работата на судиите, всушност, не се судии туку судски приправници и стручни соработници. Но, за жал, така стојат работите. Едноставно, нашле таква можност, нашле законска дупка која им овозможува да поставуваат луѓе на високи позиции. Нашле уставна можност каде што не постои зборот „забрането“, а од друга страна, уво не ги боли дали таквиот избор ќе биде прифатен од народот. Од формално-правен аспект, може да се поднесе приговор за принципот кој овозможува кој било човек да биде избран за шеф на Судскиот совет, без разлика дали има искуство како судија – објаснува Ивановски.
Фрлена е магија?
„Црна магија е фрлена на правосудството, јас друго образложение немам“. Вака адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска го коментира изборот на Весна Дамева за претседател на Судскиот совет.
Со реакција на социјалните мрежи се јави и поранешниот јавен обвинител Војо Димоски:
„Ја поздравувам жестоката реакција на Здружението на судии против партизацијата на Судскиот совет со поставување некомпетентни кадри! А кога веќе поздравувам непостоечки работи, го поздравувам и Дедо Мраз!“, напиша Димоски на Фејсбук.
Разочараност се забележува и кај универзитетскиот професор Гордан Калајџиев.
„Да не се извлечеле поуки од ништо?! А госпоѓата, нов претседател на Судскиот совет, сама за себе тврди дека има ‘интегритет, стручност и знаење’?! Мамо, спаси ме!“, реагира професорот.

Адвокатот Александар Тортевски смета дека самиот избор на Дамева за прв човек на Судскиот совет е корупција, бидејќи, како што вели, на позицијата се поставува нестручно лице кое во даден момент ќе треба да испорача одредена услуга.
„Од стручен соработник да конкурираш и да те изберат за претседател на Републички судски совет е исто како во војска од разводник да конкурираш за маршал. Нејзиниот избор сам по себе е корупција. Штом поставуваш некој неквалификуван на позиција, тоа значи дека утре тој мора да ти испорача услуга“, коментира Тортевски на Твитер.
Адвокатот Јанаки Митровски забележува дека ние како народ си патиме од неприфаќање на реалноста, дека постои проблем онаму каде што навистина постои проблем.
„Тоа што новиот прв човек на Судски совет бил член на правна комисија на СДСМ, не било проблем за Данева. Тоа што не судела никогаш и од позиција стручен соработник станува прв човек на најмоќното судско тело, исто така не било проблем. Од небивање проблем си патиме. Инаку, Дамева е поранешен член на правната комисија на СДСМ, но сепак вели дека со својата досегашна работа докажала дека има интегритет и не е член на ниту една политичка партија. Тоа е тоа“, напиша Митровски на Фејсбук.
Михајловски: Судија не смее да биде член на политичка партија
Адвокатот и претседател на Адвокатска комора, Љубомир Михајловски-Џанго, во емисијата „24 анализа“ рече дека за сегашната претседателка на Судскиот совет не може да каже како ќе го води судот.
– Лично сум против тоа судија или обвинител да ги извршува тие високи функции ако е член на политичка партија. Тие по вокација ќе постапуваат по наредба на партијата. Јас сум извршувал повеќе функции, а не сум бил член на ниту една партија. Не сум имал никакви притисоци од владејачките партии. Мислам дека ако сакаме да имаме успех, таквите луѓе треба да се дистанцираат од нивните членства и од партиските активности – вели Михајловски.
Апасиев: Дочекавме судиите да одговараат пред приправниците
Остра реакција за изборот на Весна Дамева за прв човек на Судскиот совет пристигна и од лидерот на Левица, Димитар Апасиев, кој вели дека „конечно сме дочекале судиите да одговараат пред приправниците“, ставајќи акцент на фактот дека Дамева никогаш во животот не била судијка, туку само приправничка.
„Судски службеник од Основен суд (стручен соработник на Кацарска) и член на правната комисија на СДС – избрана за претседател на Судскиот совет кој ги бира судиите и пред кого тие одговараат дисциплински!? Значи, да повториме: дочекавме судии да одговараат пред приправници! Браво за дечките од СДС на нашата земја кои и невозможното го прават возможно“, коментира Апасиев.
Реакција пристигна и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ од каде што велат дека изборот на Дамева е скандал и срам за Македонија.