ПРИОРИТЕТ НА НАРОДНАТА БАНКА ЌЕ БИДЕ НИСКА ИНФЛАЦИЈА Славески вети дека ќе ја оправда довербата

Во денешната свечена изјава новиот гувернер Славески рече дека Народната банка ќе се фокусира на три основни цели, а тоа се ниска и стабилна инфлација, односно ценовна стабилност, финансиска стабилност и поддршка на политиките на Владата.

247

Ветувам дека ќе ја оправдам довербата, а оние кои имаат некакви забелешки ќе ги убедам во спротивното, дека Народна банка била и ќе остане независна институција, посочи новоизбраниот гувернер на Народната банка Трајко Славески, при денешната свечена изјава.

Славески подвлече дека Централната банка треба да се фокусира на трите основни цели, а тоа се ниска и стабилна инфлација односно ценовна стабилност, финансиска стабилност и поддршка на политиките на Владата.






– Се разбира законските надлежности се дефинирани, тоа е ценовна стабилност што за Република Македонија би значело ниска и стабилна инфлација и финансиска стабилност кои ќе бидат поддршка на амбициозните политики на Владата затоа што и една друга цел на Народната банка е да ги поддржува политиките на Владата и тоа ќе бидат основните приоритети. Заедно со моите советници јас ќе се фокусирам на јадрото на функциите или основните функции на Централната банка кои ги наведов. Во изминатиот период нормално тоа беше на некој начин поттикнато од надвор од однесувањата на Светска банка и други централни банки, централните банки да ги шират своите надлежности, интереси на одредени прашања, кои се наметнуваат од поширок социјален интерес, како на пример зелена енергија и слично, јас мислам дека тоа треба да се остави на другите институции и Централната банка да се фокусира на трите основни цели – посочи Славески.

Тој додаде дека очекувањата на јавноста се дека ќе има стабилен девизен курст, но дека тој како професионален економист го следи и реалниот девизен курс.

– Очекувањата на јавноста се дека ќе има стабилен девизен курс, но овде сакам да кажам една работа. Пошироката јавност е фокусирана на она што се нарекува номинален девизен курс, кој очекуваме да биде фиксиран, но јас како професионален економист го следам и реалниот девизен курс кој зависи од односот на нашите домашни цени и цените со нашите трговски партнери, пред сѐ, оние во еврозоната. За жал, во изминатиот период особено по 2022 година имаме значителна реална прецијација на реалниот девизен курс, а тоа се должи на високата инфлација кај нас, која беше повисока во просек од онаа во еврозоната. Реалниот девизен курс на денарот од 2002 година ноември до јануари од оваа година е зајакнат за 5,4 проценти во однос на сите трговски партнери, а во однос на еврото денарот има апресирано цели 9 проценти – изјави Славески.

Тој појасни дека тоа значи губење на конкурентноста на македонската економија.

– Република Македонија станува поскапа за нашите трговски партнери и тоа го погодува извозот. Еве ни претстои туристичка сезона во нашите туристички центри имаме и откажувања на аранжмани со изговор од агенциите од странство дека Република Македонија станала релативно скапа земја. Ова значи дека ќе треба стапката на инфлација да ја држиме во рамки на онаа во еврозоната. Тоа што имавме стабилен фиксен девизен курс изминатиов период се должеше на една единствена причина, нашата стапка на инфлација беше во рамките на онаа во еврозоната со која е врзан денарот – вели тој.

На прашањето дали по стабилноста на курсот на денарот веднаш ќе биде воведен флексибилен девизен курс рече дека во никој случај нема да се случи тоа.

– Ако е преценета вредноста со ниска инфлација во рамките на таа од еврозоната со тек на времетоо ќе се испеглаат тие разлики – посочи Славески.

Собранието синоќа го именуваше Трајко Славески за гувернер на Народната банка на Република Северна Македонија. За Славески 68 пратеници гласаа „за“, а 16 беа против.

Во рамки на општата расправа и низа реплики и контрареплики пратениците изнесоа различни ставови при што пратениците од власта се фокусираа на неговата стручност и компетентност, додека опозицијата се фокусираше на политичката припадност на Славески и визијата за независноста на институцијата.

Поврзани содржини