ПРИОРИТЕТ Е ДА СЕ ФОРМИРААТ КОМИСИИ ЗА ДА ПОМИНАТ ЗАКОНИТЕ Во Собранието се работи интензивно
Очекувам во текот на денот и во наредните денови да најдеме разбирање со колегите координатори за тоа која комисија, на која пратеничка група да припадне за да може Собранието целосно да биде функционално - рече Мицевски.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски очекува да се обезбеди потребното двотретинско мнозинство за да бидат изгласани законските измени поврзани со промените на министерствата во Владата.
– Тоа е предизборно ветување што го дадовме на граѓаните и со кое ги запознавме во предизборниот период. Во моментов, работиме на Законот за организација на работата на органите на државната управа, односно преструктурирањето на одредени министерства и очекувам дека ќе добиеме поддршка од 80 пратеници за да може да функционира она што е барање на граѓаните – рече Мицевски во изјава за медиумите по денешната прва официјална координација на собранискиот спикер Африм Гаши со претставници на партиите.
Тој соопшти дека при крај е целото законско решение и очекува деновиве да биде поднесено официјално.
– Со истото ќе ја запознаеме јавноста, медиумите, но и колегите од другите пратенички групи, врз основа на што очекуваме да добиеме поддршка на она што планираме да го испорачаме како продукт на граѓаните во наредниот период. Завршни консултации и состаноци има по одредени делови во законот, штом го имаме тоа, ќе биде завршено – рече Мицевски.
Тој додаде дека за него поприоритетно во моментот е да се формираат комисиите, односно работните тела за да можат сите овие закони да поминат низ соодветните комисии.
– Во моментот ја имаме формирано само Верификационата комисија и Комисијата за прашањата на именувања и изборите. Потребни се и другите – Комисијата за политички систем, Законодавно правната комисија и другите комисии за кои на денешната првична координација имаше разговори. Очекувам во текот на денот и во наредните денови да најдеме разбирање со колегите координатори за тоа која комисија, на која пратеничка група да припадне за да може Собранието целосно да биде функционално – рече Мицевски.
Тој очекува да биде донесен законот до доделување на мандатот за составување на идната влада.
Пратеникот на Коалицијата „Вреди“, Халил Снопче нагласи дека најпрвин треба да бидат формирани работните тела низ кои треба да поминат овие законски решенија, односно собраниските комисии – Комисијата за политички систем и Законодавно правната комисија.
Снопче потенцира дека на координацијата имало препукувања околу тоа дали двете потребни собраниски комисии да бидат формирани посебно. Посочи дека треба поголема координација од страна на политичките партии.
– Роковите веќе течат. Поради тоа овие две комисии – Комисијата за политички и Законодавно правната комисија треба да се што побргу, за да можеме да процесуираме законот во Собранието – рече тој и нагласи дека очекува утре и задутре да се одржи седница на собраниската Комисија за прашањата на именувањата и изборите за да се процесуираат овие две комисии.
Тој не гледа никаква причина овие законски измени да не бидат поддржани и од опозициските партии СДСМ и Коалицијата „Европски фронт“.
– Мислам дека нема причина за да се одбие и да не се прифати од страна на другите партии опозициони од страна на СДСМ и Европскиот фронт, бидејќи е за подобра функционалност – рече Снопче.