Принудна солидарност во ЕУ
Како ќе изгледа светот по завршувањето на пандемијата? Единственото нешто што е сигурно е дека нема да изгледа како досега.
Дали коронавирусот е на пат да ја уништи европската соработка? Отсуство на солидарност меѓу членките на ЕУ не се случува за првпат, а веќе со сигурност и овојпат може да се констатира дека недостигот на солидарност во време на ширењето на вирисната зараза низ Европа ќе се памети и по завршувањето на кризата.
Се чини дека би можело да се сфати како иронија на судбината тоа што првиот голем настан што е „пречкртан“ од ЕУ-календарот е громогласно најавената и рекламирана конференција за иднината на Унијата – едно од големите ветувања на претседателката на Европската комисија, Урсула ван дер Лејен. Замислата беше политичари и граѓани во целата ЕУ во текот на две години, со почеток во мај, да разменуваат мислења и нови идеи околу европската соработка, откако Брегзит-шокот почна да спласнува. Но, од разбирливи причини, моментно не постои желба и подготвеност за какви било поголеми средби, при што работењето на ЕУ во најголем дел е сведено на минимум.
Но, едновремено ЕУ се обидува и да го поврати својот углед. Иако тоа не е лесно по еден подолг период означен со „движење од криза во криза“. Почнувајќи, на пример, од конфликтот на линија север-југ во текот на еврокризата, повеќегодишната неможност да се најде решение за солидарна распределба на бегласките квоти, или, пак, развлечените тешки Брегзит преговори. Најновиот развој со ширењето на епидемијата Ковид-19 повторно ја стави солидарноста под знак прашање, а што резултираше со низа затворени граници меѓу ЕУ-членките, и покрај тоа што недостасуваат проверени научни сознанија дека таквите мерки ќе ја запре заразата, како и покрај фактот дека отворени граници се всушност базична идеја на Унијата.
Но, може ли проблематичното однесување на земјите-членки, со кое се погодени најважните постулати на ЕУ, да се „доведе во ред“ така што солидарноста ќе се зајакнува како некаков вид на принудно решение? Токму околу ова прашање Швеѓанката Илва Јохансон, еврокомесар за внатрешни работи, предизвика низа реакции и спротивставени мислења, предлагајќи мигрантската политика на ЕУ да се гради врз „принудна солидарност“. Но, да се зборува за солидарност без заедништво, би било нешто што тешко се воспоставува, а заедништво, – дури ни во ЕУ – не може да се изнуди со принуда одозгора.
Доколку ЕУ-членките не го направат тоа доброволно, рече Илва Јохансон при испрашувањето во Европскиот парламент, би требало да бидат принудени солидарно да прифатат квоти за распределба на бегалци. Но прашање е каков вид на принуда би можел да води кон решение што Илва Јохансон го нарекува „постигнување на доволна солидарност меѓу земјите-членки“. Бидејќи, како што забележуваат критичарите, независно дали станува збор за повикот на Карл Маркс до пролетерите во сите земји да се обединат, или можеби за Папата Јован Павле Втори кој солидарноста ја нагласуваше како еден од најзначајните принципи во католичкото социјално учење, се работи пред сè за кохезивната сила во рамки на заедништвото. А самото заедништво не може да се создаде со интервенција одозгора, со принудни хиерархиски мерки.
Обидите да се принудат други во заедништво кое тие самите не го доживуваат на ист начин, може да предизвика спротивен ефект. Тоа, се разбира, не се однесува само на прифаќањето на бегалци, туку и на европската соработка гледано во целина.
Корона кризата само го заостри ова прашање. На Италија, тешко погодена од смртоносната зараза, никој во ЕУ не сакаше да и помогне со испраќање заштитна медицинска опрема. Германија дури издаде и забрана за извоз на таков вид опрема, иако располага со резерви во своите магацини. Како да беше потребно да помине извесно време, пред да се случат и позитивни исчекори од заглавените „несолидарни“ состојби. Деновиве Германија донесе одлука во свои болници со слободни капацитети да прифати пациенти со корона вирус од Италија. Уште еден пример е сојузната германска покраина Бадем-Виртемберг, каде што корона пациенти првин не можеле да добијат место во францускиот Алзас, а подоцна сепак добија здравствена нега во соседната земја. Еден од принципите на солидарноста е токму во здравството, дека со европска здравствена картичка може да се добие здравствена нега насекаде на подрачјето на ЕУ. Затворањето на границите и јакнењето на националниот егоизам е секако во директна спротивност со таквите принципи врз кои се потпира Унијата.
Напоредно со разочарувањата што ги предизвика недостигот на солидарност во ЕУ, на глобален план Кина се здоби со голема пропагандна предност. Најпрвин во Италија, но потоа и цела Европа почна да се преплавува со хуманитарни пратки со заштитни маски и респиратори. Резултатот е, се разбира, уште еден „добро заслужен“ пораз на ЕУ. Европските медиуми во повеќе наврати ја пренесоа изјавата на српскиот претседател Вучиќ, кој рече дека европската солидарност во овој момент „не постои“, нарекувајќи ја бајка на хартија, и потенцирајќи дека „најмногу надежи полагаме во Кина“.
Но, реалноста на глобалната политичка сцена не е секогаш перфектно нашминкана. Се појавија и сериозни истражувачки написи во европски весници, во кои се откриваат и поинакви вистини околу кинеските „великодушни подароци“. Како, на пример, во случајот на запленетите 100.000 заштитни маски во Чешка, од каде што дел од медицинската опрема, со посредство на кинески бизнисмени се купува за ниски цени, се транспортира во Кина, делумно и како придонес за тамошната борба против вирусот, а оттаму, повторно преку моќни кинески посредници, се враќа назад. Иако сега не се работи само за хуманитарна помош, туку и за понуда за продажба на кинеска опрема.
Како ќе изгледа светот по завршувањето на пандемијата? Единственото нешто што е сигурно е дека нема да изгледа како досега. Економијата, однесувањето на луѓето, геополитиката, меѓународната соработка и демографијата најверојатно ќе претрпат промени поради кои не ќе можат да се вратат во состојба на она што порано се сметало за нормално.
Но, суштината на солидарноста, – како поим што најчесто се однесува на поврзаност и заемна соработка во вонредни услови, – тешко дека ќе може да биде променета.