ПРИНЦОТ ХАРИ НЕНАЈАВЕНО ПРИСТИГНА ВО УКРАИНА Ги посети и разговараше со ранетите ветерани
Принцот Хари дојде во ненајавена посета на Украина каде се сретна со повредени припадници на воените служби. На принцот му се придружија на посетата четворица ветерани од неговата Фондација „Игрите Инвиктус“, кои и самите поминале низ слична рехабилитација по повредите здобиени во воените конфликти.
За време на престојот во Украина, 40-годишниот принц Хари го посети Центарот „Суперхјуман“, специјализирана ортопедска клиника во Лавов, која обезбедува бесплатна рехабилитација на повредените воени лица и цивили.
Посетата е дел од неговата континуирана хуманитарна работа со ранетите ветерани, пренесуваат странските медиуми.
Принцот го обиколил центарот, разговарал со пациентите и со медицинските работници и бил запознаен со работата на хируршкиот тим за подобро да ги разбере најсовремените услуги што се обезбедуваат.
Според британските медиуми, од безбедносни причини, посетата била објавена во јавноста дури откако принцот ја напушти земјата.
За време на посетата, Хари доби емотивен подарок – нараквица со неговите иницијали и цитат: „Кој спаси еден живот, го спасува светот“.