ПРИНЦОТ ХАРИ ЈА ОДБИЛ ПОКАНАТА ОД КРАЛОТ ЧАРЛС Наместо во кралската резиденција, преспал во хотел
Хари ја отфрлил понудата на Чарлс од безбедносни причини бидејќи не ја вклучувала целосната заштита што ја имаат другите високи членови на кралското семејство.
Принцот Хари ја одбил поканата од неговиот татко, кралот Чарлс, да остане во кралската резиденција за време на посетата на Лондон претходно овој месец од безбедносни причини, дознава Телеграф.
Тој, наводно, ја отфрлил понудата на Чарлс бидејќи не ја вклучувала целосната заштита што ја имаат другите високи членови на кралското семејство и што исто така ја имал тој како принц додека заедно со сопругата Меган Маркл не се повлече од кралските должности во март 2020 година.
Во извештајот се наведува и дека Хари требало да престојува на видно место, со јавен влез и излез и без полициска заштита. Наместо тоа, решил да остане во хотел, бидејќи така чувствувал дека може да доаѓа и да си оди без да биде забележан.
„Телеграф“ наведува и дека Хари е разочаран од одлуката на британската влада да ја повлече полициската заштита додека бил во В.Британија, што ја обжалил до Високиот суд во Лондон, но го изгубил случајот. Сега е должен да ја извести тамошната полиција 28 дена пред неговото пристигнување во Велика Британија, доколку сака да поднесе барање за полициско обезбедување, кое мора да биде одобрено од комитетот одговорен за заштита на членовите на кралското семејство и јавните личности.
Принцот Хари последен пат беше во Лондон за да ја прослави десетгодишнината од Игрите Инвиктус. Британските медиуми објавија дека неговиот татко немал време за средба со својот помлад син бидејќи бил премногу зафатен. Како што е познато, последен пат Хари го виде својот татко во февруари оваа година, откако кралот објави дека му бил дијагностициран рак.