Принц Хари (35) од својот нов дом во Лос Анџелес испратил порака преку видео за да го обележи отворањето на Меѓународните воени параолимписки игри 2020 кои требало да се одржат оваа недела.
Во својата видеопорака признал дека животот драстично му се променил откако со сопругата Меган Маркл започнал самостоен живот во Америка.
– Поздрав до сите. Додека оваа недела им оддаваме почест на жртвите во Втората светска војна, требаше да се собереме во Холандија на параолимписките игри. Но, откако последен пат бев во Хаг, нашиот живот драстично се промени па многу други настани ширум светот се одложени. Новите датуми ќе бидат наскоро објавени – рекол Хари со желба на сите да им даде малку утеха и да ги охрабри луѓето во овој тежок период за време на пандемијата на коронавирусот.
– Се надевам дека вашите семејства се добро. Слушнав неверојатни приказни за тоа како семејства се собираат преку интернет. Бидете внимателни и понатаму, мислете на оние што заминаа – додал тој.
Принцот ја искористил приликата и да им се заблагодари на сите што им дале поддршка нему и на Меган во донесувањето на одлуката да ги напуштат кралските должности.