ПРИМИРЈЕТО ВО ИРАН СЕ ПОЧИТУВА, ТРАМП ВЕЛИ ДЕКА СЕ БЛИЖИ КРАЈОТ НА ВОЈНАТА Америка сака сеопфатен договор со Техеран
Првата рунда преговори меѓу САД и Иран во пакистанскиот главен град заврши без договор минатиот викенд. Според непотврдени медиумски извештаи, следна средба би можела да се одржи уште утре.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека верува оти војната во Иран се приближува кон својот крај, според извадоци од интервју за „Фокс Њуз“ објавени однапред.
– Мислам дека е блиску до крајот. Да. Мислам, јас го гледам тоа како нешто што е многу блиску до завршување – рекол Трамп, според коментарите што синоќа на Х ги објави водителката на „Фокс“, Марија Бартиромо.
Трамп изјави дека доколку САД се повлечат сега, на Иран би му биле потребни 20 години за повторно да се изгради.
„И не сме завршиле. Ќе видиме што ќе се случи“, рече тој, додавајќи дека верува оти Иран е заинтересиран за постигнување договор.
Претходно, Трамп даде нејасни изјави за можна нова рунда преговори, додека во конфликтот моментално во сила е двонеделен прекин на огнот, пренесе ДПА.
– Нешто би можело да се случи во следните два дена во Исламабад – изјави тој во телефонско интервју за „Њујорк Пост“, без да даде дополнителни детали.
Првата рунда преговори меѓу САД и Иран во пакистанскиот главен град заврши без договор минатиот викенд. Според непотврдени медиумски извештаи, следна средба би можела да се одржи уште утре.
Во меѓувреме, телевизијата „Си-Ен-Ен“, повикувајќи се на извори запознаени со разговорите, објави дека американскиот потпретседател, Џеј Ди Венс би можел да ја предводи американската делегација на евентуална втора рунда преговори. Според истите информации, во разговорите би можеле да учествуваат и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Венс изјави дека примирјето меѓу САД и Иран се одржува, додавајќи дека претседателот Трамп не сака „мало“ примирје туку „сеопфатен договор“ со Техеран.
– Во моментов примирјето се почитува – изјави Венс додавајќи дека разговорите меѓу двете земји одржани викендот во Пакистан донеле „значителен напредок“, но оти целосен договор не бил постигнат поради инсистирањата на Вашингтон Иран да не поседува нуклеарно оружје.
Венс нагласи дека Иран не смее да поддржува тероризам и оти целта на САД е договор што ќе овозможи интеграција на Иран во глобалната економија.
Примирјето истекува следната недела.