(Прилично) карикатурни политиканти
Преку ноќ, министерот за надворешни работи открива дека е „прилично сигурен дека Бугарија постојано ќе формулира нови барања“ (sic!). Замислете колку години, месеци, денови… поминал тој човек, и оние претходнине двајца, во секојдневно лажење на јавноста за нашиот сигурен пат кон Брисел, прогласувајќи ги за непријатели на државата и евроинтеграциите сите кои предупредуваа на поголема претпазливост со Бугарија и нивните идни планови.
Ако не во повеќе нешта, Петар Гошев има право барем во едно: неспособни политичари можат долгорочно да наштетат на држава, на нација, да предизвикаат катастрофални ломови со нивното незнаење и неукост, со нивните погрешни проценки и одлуки за одделни (важни, па и судбоносни) настани… Многу иднини зависеле од нивната кусогледост и аматеризам. И пропаднале. Секако, не сме ние единствената таква држава во светот, се разбира, но сме една од малкуте современи – па и „млади“ – држави во овој регион и Европа што си го дозволила, и си го дозволува, тој луксуз.
Кратката историја на Македонија од крајот на дваесеттиот век и влезот во новиот милениум полека но сигурно добива заеднички именител. Тој слободно и речиси безрезервно може да се нарече мрачно доба на антипросветителството и автократијата, манифестирани на разни начини и во многу процеси. Тој именител понатаму ги обединува сите македонски државни црнила од 1991 година до денес, сите оние катикатурни политиканти што го јаваа македонското општество и во негово име ни поттураа нивни илузии како наши визии, нивни лични мани како наши недостатоци, нивните глупости требаше ние да ги отплаќаме како наши долгови…, при што повторно ние, преку државниот буџет, требаше да им ги финансираме и сите нивни знајни и незнајни задоволства.
Се разбира, историјата, некогаш, како и обично, ќе направи објективна анализа на овој триесетгодишен период и ќе даде научен суд за нештата. Но и ние кои сме ги живееле овие децении, кои сме ги преживеале – на еден или на друг начин, со помали или поголеми загуби – овие локални турбуленции, имаме право на збор, и оценка, секако. Зашто, ако највисокиот државен врв во едно критично време се информирал од „гласини“ и весници, па одел дури во Париз за да се „информира“, ако ние (односно тие), ноншалантно креирале некакви свои недозреани „политики“ и ставови за иднината на државата…, а сето тоа се рефлектирало директно врз нашите животи, зарем го немаме барем правото на – осуда? Јавна, јасна и гласна, па нека е и малубројна?
Но нашиот од по маките не завршува со оние сега веќе ветви и со право заборавени провинциски политикантски „елити“ кои ја оставија земјата во рацете на нивниве наследници – што им е само уште еден дополнителен грев – туку таа историја на континуирана неспособност нѐ следи до денес, до оваа карикатурна власт односно влада: влада што блада, влада што повеќе наликува на шарада. Сѐ е исто, само се сменети релациите: „белградско-крагуевачката“ врвца е заменета со бриселско-вашингтонска и солунско-атинска. Софиската е – константа во двата случаи!
Во истиот манир, со истите уличарски „финти“, актуелниве „кецароши“ и приглупи провинцијалци ја туркаат земјата во нови бездни, сега директно менторирани од „меѓународната заедница“ и домашната петта и шеста колона, исти такви карикатурни министри – неспособни, неуки но лажливи преку сите граници.
Меѓу нив, на самиот врв, оние два-тројца челни: премиерот, вицепремиерот за евроинтеграции и министерот за надворешни работи, кои со месеци нѐ убедуваа(т) дека со внесувањето на Бугарите во Уставот завршува „Операцијата Бугари“ и започнува одата на светлиот ни евроинтегративен пат. Довлекоа и едно чудно странски профитерски шалабајзери кои, речиси секојдневно, низ говорите во парламентот ни гарантираа не само дека источниот сосед нема да поставува нови услови и барања кон Македонија, туку дека многу бргу ќе ја доживееме историската катарза како полноправни жители на Европа!
Но сега, преку ноќ, министерот за надворешни работи открива дека е „прилично сигурен дека Бугарија постојано ќе формулира нови барања“ (sic!). Замислете колку години, месеци, денови… поминал тој човек, и оние претходнине двајца, во секојдневно лажење на јавноста за нашиот сигурен пат кон Брисел, прогласувајќи ги за непријатели на државата и евроинтеграциите сите кои предупредуваа на поголема претпазливост со Бугарија и нивните идни планови. Лагите на овие луѓе создадоа таков смут во земјава, нивните мизерни итроштини сплетоа мрежи на меѓусебна недоверба во јавноста, отвораа „фронтови“ и прогласуваа евроскептици и бугаромразачи. Нашиот говор беше говор на омраза, нивниот на мед и млеко. Сега веќе – скиселено!
И оваа е всушност втората епохална лакрдија на оваа „прогресивна“ власт, втора историска минхаузеновска гранде лага после онаа со името на државата, во коешто, нели, целата оваа сурија кловнови се крстеше. Или, ако сакате, целата политичка програма на Социјалдемократскиот сојуз од 2017 година наваму се покажува како ефтин панаѓурски трик, праматарска лага и празни ветувања. А главниот им праматар, оној чушко-френкарски простак, уште им седи во „стратешкиот совет“ и им сугерира „политики“!
Меѓутоа, повторно и по којзнае кој пат, македонскиот „најдолг пат“ не е трнлив единствено заради нашата – поточно нивната – лажливост и крадлива алчност. Вториот дел од „историската“ тирада на карикатурниот парадер и „прилично сигурен“ министер за надворешни работи тврди: „Но, за мене е важно што е на агендата на ЕУ, ништо друго“. Можно ли е слепилото да е толку силно или лагата со толку долга опашка што не умеат да видат дека таа „ЕУ агенда“ е – бугарската агенда?
И, се разбира, секој нормален ќе се запраша за здравата свест и совест на ваквите и слични сервилни коментари и причината за истите. Што пак не води до самиот извор на оваа наша прилично лековерно (да не речам глупаво) одиграна ЕУ авантура којашто се покажува како резултат на перфидна игра и на т.н. меѓународна заедница. И тука никако не мислам на некои актуелни теории на заговор за (до)уништување на македонизмот, иако ваквите историски хаварии само им погодуваат на тие приказни, туку на безмалу похотлива глад на ЕУ профитерите за нови бизнис територии, за нови мафијашки зделки со локалните бандити и доисцрпување на она малку што останало од природните ресурси во земјата.
Конечно, има ли ваквиот пресврт во „Операцијата Бугари“ и свои добри страни? Се разбира дека има, без оглед што оној пелтечи за придржувањето до некакви ЕУ агенди. Нивните заеднички коруптивно-криминални агенди веројатно уште кратко време ќе играат на јавната сцена. Тоа „кратко време“ може да донесе и нови штети од типот на Казнениот законик, законот за амнестија, „Бехтел и Енка“ итн., освен ако не се покрене некоја народната лавина. Иако во тоа е тешко да се поверува.
Но сепак, македонскиот профит во оваа ситуација може да биде фактот што оваа политикантска багра нема да може да го реализира „Денот потоа“ – оној ден по измените на Уставот и внесувањето на Бугарите во него, оној ден кога би требало да започне реализацијата на сите оние варварски крчмења на ѓаволските протоколи – македонските учебници, спомениците и спомен обележјата, архивите… итн., коишто, нели до вчера не постоеа во „рамката“. Тоа, како за утеха, може да биде добрата страна на овој крај.
извор: https://teodosievskiumetnost