Приказна за една расчеречена скопска мачка

Ова не е приказна само за една убиена мачка. Ова е приказна за недостатокот на контрола, за пропуштени можности да се реши проблемот со кучињата-скитници. Проблем кој е одраз на нашиот метеж, но не во сообраќајот, туку во општеството.

1,282

Секое утро е исто. Бескрајни колони возила, гласни сирени, нервозни возачи, а јас повторно заглавен во сообраќајниот метеж.

И утрово не беше ништо поразлично. Стојам заглавен на улицата кај „Кастм паб“, во строгиот центар на Скопје, на само неколку минути до градскиот плоштад.






Меѓу сиот тој градски хаос, додека чекав да се вклучи зелено светло на семафорот кај „Палома бјанка“, вниманието ми го привлече еден брутален настан: глутница кучиња-скитници бркаше мачка, а мачката избезумено бегаше и се криеше околу автомобилите.

Беа десетина, навидум обични кучиња-скитници, кои одеднаш се претворија во нешто сосема друго. Сцената што се одвиваше пред моите очи изгледаше како сцена од хорор филм.

Малечката, невина мачка, исплашена, со панични движења трчаше наоколу и бараше спас. А спас ѝ немаше. Кучињата беа многубројни, посилни и побрзи. За кратко време ја уловија. Злочинот траеше неколку секунди, но имав чувство дека трае цела вечност.

Прскаше крв на сите страни. Парчиња месо од мачката буквално летаа во воздух, како да гледав некоја сцена од дивата Африка, а не од строгиот центар на Скопје.

Една нога за едно куче, друга нога за друго куче, опашката за најмалото, главата за алфа-мажјакот. Сцената беше како од „Game of Thrones“.

Страотната слика од растргнатата мачка ја парализираше целата улица.

И други луѓе беа сведоци на настанот. Две девојки кои во тој момент преминуваа улица почнаа да врeскаат. Пензионерка ги покри очите со раката, за да не го гледа тој ужас. Еден човек, се чинеше, беше на раб да поврати.

Ние, како минувачи и сведоци, изгледавме беспомошни. Не можевме ништо да сториме, освен да си го поставиме прашањето: зошто воопшто ни се случува ова?

Дали Скопје стана дивина, каде кучињата веќе не се „човековите најдобри пријатели“?

Или можеби ние, како општество, ги оставивме да преживуваат по свои сурови инстинкти?

Ова не беше само сцена на насилство, ова беше аларм. Не знам за вас, ама ова за мене не е нормално. Ова не е Скопје какво што го знаеме. Ова е Скопје што се распаѓа – и тоа буквално.

Нешто сериозно тргна наопаку. Кучињата-скитници, кои некогаш ги гледавме со сожалување, сега стануваат сериозна закана. Гладни, агресивни, изгубени во град кој не се грижи за нив, ниту за себе.

Ова не е приказна само за една убиена мачка. Ова е приказна за недостатокот на контрола, за пропуштени можности да се реши проблемот со кучињата-скитници. Проблем кој е одраз на нашиот метеж, но не во сообраќајот, туку во општеството.

Градот го губи својот ред. Природниот инстинкт кај животните за преживување сега станува агресија. Време е да се преземат мерки.

Поврзани содржини