Приказна од иднината или како да се спаси третиот род

Како што феминистките или лезбејките ги предаваат своите крваво стекнати права на олтарот на разнородието, така утре и небинарните, неутралните, интерсексуалните, трансродните... ќе го предадат својот родов идентитет на расчовекот.

880

Има ли човекот право да се плаши од дехуманизација, или тоа е следниот неминовен стадиум што нè очекува, па стравот или отпорот кон отчовечувањето едноставно се залудни?

Лесно е да се предвиди дека т.н. трет род со над 100 родови идентитети е бенигна шега во споредба со перспективите на вештачката интелигенција, која сè поизвесно ќе еволуира во ахуманоиди, чие совршенство ќе биде предизвик за човекот кој еуфорично ќе му се предаде.






Дали ќе треба да се менува правната регулатива, системот на права и односи меѓу луѓето и супер интелигентните киборзи?

Дали ќе треба да се регулира основањето партнерски заедници меѓу нив, правото на посвојување деца, социјалната заштита?

Не.

Никој нема да се разболува, никој нема да старее, никој нема да умира, нема да има потреба од брак, заедница, социјална заштита…
Дехуманизацијата ќе продолжи со замена на природното раѓање преку оплодување на матка, со клонирање пожелни тела и карактери по избор, генетски совршени но сепак ахумани суштества…

Замислете, ќе можете да изберете суштество полно само љубов, ѕвездена душа, поетски егземплар, филозофски немтур…

Но, зошто за новата раса да размислуваме со категоризација што ја дизајнирал човековиот род? Веројатно и потребите на новата раса нема да бидат исти. Наместо љубов и омраза, добро и зло, што ни се доктринарно наметнати идеологии, новата раса ќе живее во мета свет и мета свест на интерпланетарна медитација. Без потреба од храна, сон, работа, љубов, физичка активност, комуникации, интелектуален напор, лишена од емоции и разум ќе егзистира во универзумот како прашина.

Дали вреди да се спасува семејството кога нема да може да се спаси ниту третиот род?

Како што феминистките или лезбејките ги предаваат своите крваво стекнати права на олтарот на разнородието, така утре и небинарните, неутралните, интерсексуалните, трансродните… ќе го предадат својот родов идентитет на расчовекот.

Хм, идентитет?

Нема да има ниту род, уште помалку идентитет…

Зошто да се грижиме тогаш!?

(Фејсбук статус на Зоран Димитровски)

Поврзани содржини