ПРИХОДИТЕ ОД НАФТА НА РУСИЈА СЕ НАМАЛИЈА ЗА 18% Но, извозот на енергенсот бележи раст
Како одговор на западните санкции, Москва го пренасочи поголемиот дел од извозот на сурова нафта по море кон Кина, Индија и Турција, користејќи таканаречена „флота во сенка“ од застарени и неосигурени танкери за да ги заобиколи санкциите.
Русија лани поради санкциите изгуби 18% од приходот од нафта и гас, но количината на извезена нафта се зголеми, покажуваат податоците на финскиот Центар за истражување на енергијата и чистиот воздух (CREA)
Според овие податоци вкупните приходи на Русија од нафта, гас, јаглен и рафинирани производи изнесувале 193 милијарди евра лани, или 27% помалку во споредба со периодот пред инвазијата.
Иако извозот на руски гас поради санкциите нагло опадна од 2022 година, санкциите не успеаја да ја намалат количината на извоз на нафта од Русија, туку ја принудија Москва да ја продава по пониски цени.
Приходите на Русија од извозот на сурова нафта се намалија за 18% во текот на изминатата година споредено со 2024 година. Во исто време, количината на извезена сурова нафта е 6% повисока во споредба со нивото пред инвазијата, достигнувајќи 215 милиони тони.
Како одговор на западните санкции, Москва го пренасочи поголемиот дел од извозот на сурова нафта по море кон Кина, Индија и Турција, користејќи таканаречена „флота во сенка“ од застарени и неосигурени танкери за да ги заобиколи санкциите, а дел од нафтата извезува со танкери на западни компании.
Се очекува построгите ограничувања посилно да го погодат рускиот извоз на гориво оваа година.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, на почетокот на овој месец објави дека се согласил за трговски договор со индискиот премиер Нарендра Моди и дека Њу Делхи ќе престане да купува нафта од Русија и да ја замени со енергија од САД и потенцијално Венецуела.
Европската унија подготви широка забрана за водење бизнис со која било компанија што го поддржува извозот на руска нафта по море, но вчера не успеа да ги усвои тие санкции бидејќи беа блокирани од Унгарија поради спорот со Украина околу оштетениот нафтовод „Дружба“.
Русија извезува повеќе од една третина од својата нафта во западни танкери со помош на западни компании. Планираната забрана на ЕУ би ставила крај на практиката, која главно се испорачува во Индија и Кина.