Прифатени барањата на занаетчиите, следи нивна реализација
Барањата од Комората ќе бидат исполнети со цел да го олесниме работењето на занаетчиите, кои се еден многу важен сектор кој во континуитет е поддржан од страна на министерството за економија - изјави Бектеши.
Министерот за економија Крешник Бектеши денеска одржа работен состанок со претставници од Комората на занаетчии, на кој беа доставени барања од страна на Комората, а кои во наредниот период би требало да бидат исполнети од страна на Владата.
– Барањата од Комората ќе бидат исполнети со цел да го олесниме работењето на занаетчиите, кои се еден многу важен сектор кој во континуитет е поддржан од страна на министерството за економија. Тоа го покажуваме со начинот на водењето на политиките и спроведување на мерките кои беа предвидени во министерството. Исто така не се скратени мерките од КИП-програмата за поддршка на занаетчиите и веќе повеќето се реализирани или во тек и имаме буџет за нив – изјави Бектеши.
Тој додаде дека се согласиле со комората и дека нивните барања може да се реализираат и во третиот сет економски мерки кој Владата планира за кратко време и да ги објави, но истовремено нивните барања биле да има посебни кредитни линии кои ќе можат да ги користат само занаетчиите.
Oд Занаетчиската комора рекоа дека имале конкретна и коректна средба со министерот Бектеши на која насочиле и кажале во каква состојба е занаетчиството денеска. На министерот му било образложено дека занаетчиството е во тешка состојба, му биле пренесени нивните забелешки, како и нивните барања кои очекуваат да се исполнат.
– Од страна на министерот веднаш беа прифатни нашите барања, при што им било ветено дека истите ќе бидат разгледани и прифатени со цел да им се помогне на занаетчиите да ги задржат своите дуќани отворени, да ги задржат своите работни места и оваа криза да помине со што помалку последици – велат од Занаетчиската комора.