ПАЦИЕНТИТЕ ПРИЈАВИЛЕ МИТО, ИГНОРИРАЊЕ И НЕСООДВЕТЕН ТРЕТМАН Министерството за здравство отвори канцеларија што ги истражува поплаките

Министерството за здравство воведе електронска алатка за пријавување неправилности, преку која досега реагирале 39 граѓани. Првичните податоци покажуваат дека најчестиот тип на пријавени злоупотреби се: непрофесионално однесување, игнорирање пациент, несоодветен третман, одбивање здравствена услуга, доцнење во пружање здравствена услуга и барање мито. Министерот Азир Алиу рече дека сѐ уште е рано да се објавуваат имиња на установи бидејќи пријавите се во почетна фаза.

1,436

Во новиот систем за пријавување неправилности во здравството, граѓаните најчесто се пожалиле на непрофесионално однесување, игнорирање пациенти, одбивање здравствена услуга, неисполнување на должности, доцнење во третманот и на барање мито – покажа првата анализа на Министерството за здравство, изјави министерот за здравство, Азир Алиу, на денешната прес-конференција по повод една година од работењето на Владата.

Министерството за здравство почна со имплементација на електронска алатка за пријавување неправилности, преку која досега се пријавиле 39 граѓани – 27 на македонски и 12 на албански јазик.






Алиу рече дека сѐ уште е рано да се објавуваат имиња на здравствените установи, бидејќи пријавите се во почетна фаза.

Министерот не открива имиња, ќе се проверува дали пријавите се точни

 

За секоја пријава ќе се организира состанок со надлежните институции, а веќе е формирана и канцеларија што ќе ги верификува податоците.

– За да сме сигурни дали информациите се точни, создадовме канцеларија која се занимава со овој дел од информациите, ќе имаме состанок со надлежните во институциите што се спомнати, па ќе дојдеме до одговори или до одбивање на тоа што е дадено како информација. Сепак, ова се првични информации, не значи дека се точни – рече Алиу.

Министерството за здравство креира политики за здравството, додаде тој, а ако се докаже дека има елементи на прекршување на законот, тоа ќе биде предадено на натамошно поцесирање.

– Во оваа фаза е рано да се именуваат клиники, ова е прва фаза и не сме информирани дали тие информации се точни. Оставете ни 1-2 недели додека не добиеме информации. Креиравме методологија, свесни сме дека ова прашање е од јавен интерес, па веројатно секоја прес-конференција ќе имаме одговори за граѓаните и за новинарите за тоа до каде се пријавите и како ги процесираме. Да ги оставиме колегите и институциите што се надлежни да работат на тоа дали овие обвинувања се точни – подвлече Алиу.

Министерот сослушал граѓани од цела држава во првиот „Отворен кабинет“

Тој истакна дека минатиот петок бил одржан првиот „Отворен кабинет“ за директна средба меѓу граѓаните и Министерството. Министерот се сретнал со граѓани од неколку градови – дел биле со конструктивни предлози, дел со пријави за недоволни здравствени услуги, а дел сакале да се информираат за мисијата на Министерството и за шансите нивните деца да се вклучат во системот, особено во контекст на 300+300 програмата за специјализанти.

– Некои родители дојдоа бидејќи нивните деца се при крај на факултет, сакаат да знаат дали ќе има нови вработувања. Ние почнавме политика на распределба според реалните потреби, па неколку специјализанти се одбиени за трансфер од друг град во Скопје, со цел да имаме и таму специјализанти и здравство што ќе им служи на граѓаните – рече Алиу.

Министерот Алиу се обрати по повод една година од работењето на Владата, при што ги презентираше клучните успеси на Министерството за здравство – од унапредување на пристапот до здравствените услуги, преку дигиталните алатки и инфраструктурните вложувања, до враќањето на довербата на граѓаните во здравствениот систем.

ОТВОРЕН Е „ОТВОРЕНИОТ КАБИНЕТ“ ЗА ДИРЕКТНИ СРЕДБИ СО МИНИСТЕРОТ ЗА ЗДРАВСТВО Голем интерес за иницијативата на Алиу, првите 15 средби се веќе закажани

Поврзани содржини