Пријавете се на онлајн Конференција за спречување на корупцијата во бизнис секторот

Учесниците ќе говорат за системите за интегритет што ги применуваат за да се штитат од корупцијата и од нејзините неповолни влијанија.

281

Во петок (22 јануари) со почеток во 11 часот ќе се одржи онлајн конференција „Бизнис без корупција“, како завршен настан во рамки на проектот „Зајакнување на интегритетот и намалување на корупцијата во државниот и приватниот бизнис сектор“, финансиран од Европската Унија и спроведен од Центарот за граѓански комуникации во партнерство со Конект и Здружението на даночните советници.

– Кон иницијативата веќе се приклучија повеќе од 200 претставници од приватниот сектор, кои преку проектот ги зајакнаа своите знаења и вештини да ја препознаат и спречат корупцијата. Претставниците на наши лидерски компании кои применуваат системи за интегритет штитејќи се од корупција на настанот ќе ги споделат своите искуства. Релевантни институции меѓу кои и заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, претставници на Делегацијата на ЕУ, стопански комори и граѓански организации кои работат во областа за спречување на корупцијата ќе бидат дел од овој настан. Ќе се обратат и врвни учесници од странство (Швајцарија, Бугарија, Босна и Херцеговина) со кои домашните компании ќе може да ги споделат своите искуства и да добијат стручни совети – велат организаторите.






Учесниците ќе говорат за системите за интегритет што ги применуваат за да се штитат од корупцијата и од нејзините неповолни влијанија.

– Ефективното справување со корупцијата во бизнис секторот е можно само преку соработка на сите сектори во општеството. Покрај тоа што е важно компаниите да ја прифатат својата одговорност и да се проактивни во превенирање и спречување на корупцијата, неопходно е институциите на системот да изградат политики што ќе ги препознаваат и наградуваат компаниите со интегритет и ќе го санкционираат коруптивното однесување. Преку проектот воспоставивме ефективна платформа за дијалог помеѓу јавните институции, коморите, бизнис здруженијата и граѓанските организации којашто ги идентификува овие предизвици и можности и развива предлог-политики коишто ќе овозможат бизнис опкружување без толеранција кон корупцијата. На конференцијата учесниците ќе имаат можност активно да се вклучат во овој дијалог – вели Никица Кусиникова, извршен директор на Конект, организатор на конференцијата.

Според програмскиот раководител на Конект, Виктор Мирчевски, корупцијата лесно може да го уништи бизнисот.

– Преземањето заштитни мерки во сопствениот двор и учеството во борбата против корупцијата веќе не е само избор, туку реално очекување и потреба на вистинскиот бизнис. Учесниците на конференцијата ќе имаат уникатна можност да осознаат што бизнисите низ Европа и кај нас прават за да се справат и заштитат од корупцијата. Посебна вредност е учеството на мрежите на Глобалниот договор на Обединетите нации – најголемате светска иницијатива за оджлив и одговорен бизнис. Говорници на највисоки раководни позиции од Швајцарија и Лихтеншајн, Бугарија и Босна и Херцеговина, а секако и од нашата земја ќе ги споделат своите искуства и експертиза – вели Мирчевски.

На конференцијата ќе биде претставен придонесот на проектот кон проценка на транспарентноста, отчетноста и ризиците од корупција во јавните претпријатија, развојот на меѓусекторски механизми за дијалог за намалување на корупцијата во бизнисот, пристапот до локални алатки за зајакнување на интегритетот и засилување на капацитетите на приватните бизниси за спречување и борба против корупцијата.

Сите заинтересирани можат своето учество да го потврдат на [email protected] по што ќе добијат информации за онлајн просторот на конференцијата.

 

Поврзани содржини