ПРИЈАВЕНИ ЛИХВАР И НОТАР ВО ГОСТИВАР Го уценувале со долгови и му го одзеле имотот додека бил во странство
Позајмил пари со енормна камата, па со закани му го зел имотот, полицијата поднесе кривични пријави против двајца мажи и нотарска канцеларија од Гостивар.
Секторот за внатрешни работи Тетово поднесе кривични пријави против Т.В. (39) од село Неготино – гостиварско, Ј.Д. (48) од село Добри Дол и против нотарска канцеларија од Гостивар, откако оштетен граѓанин ги пријавил за серија тешки злоупотреби, вклучувајќи лихварство, фалсификување документи и злоупотреба на лични податоци.
Според информациите од полицијата, од 2022 година па сè до моментот на пријавување, првоосомничениот Т.В. ја користел тешката финансиска состојба на оштетениот, кому му позајмувал пари со енормни камати. За заем од 35.000 евра, тој побарал 15.000 евра камата само за една година, а потоа почнал да бара и по 3.000 евра месечно како дополнителна камата.
„Бидејќи оштетениот не можел да ги враќа барањата, Т.В. го уценувал и му се заканувал, со што го присилил да потпише договор за купопродажба на имот кој потоа бил заверен кај нотар“, информираат од СВР Тетово.
Според истрагата, на 27 септември 2023 година, додека оштетениот бил надвор од земјата, Т.В. изготвил фалсификуван договор за продажба на моторно возило, користејќи ги податоците на оштетениот без негова согласност. Договорот бил заверен кај нотарот – второпријавениот Ј.Д., во својство на овластено лице на правното лице – нотарска канцеларија од Гостивар.
Во фалсификуваниот документ стоело дека возилото било продадено на лице од Гостивар по цена од само 1.000 евра, а целата трансакција била заверена во период кога сопственикот реално бил во странство.