ПРИЈАТЕЛИ ОД МАКЕДОНИЈА, ЕВРОПА НЕМА ДА ВЕ ЗЕМЕ! Рама со свадбарски речник ни го објасни однесувањето на ЕУ
Осврнувајќи се на евроинтеграциите и очекувањата од претстојниот самит на ЕУ Рама во негов стил порача дека не се подготвува за „оваа свадба“ и оти фокусот треба да биде Европа да се изгради овде во регионот.
Војната во Украина го прави „Отворен Балкан“ поголема нужност, отколку што беше и пред да започне оваа војна која нѐ изненади сите. Отворен Балкан е битен и за нашите луѓе, за заедничкиот простор каде се раѓаат нашите деца и за нивната иднина. Фокусирани сме на иднината. Денеска сме тука токму затоа, бидејќи сакаме да продолжиме кон иднината без да ги затвораме очите пред сѐ уште нерешените проблемите, но убедени сме дека тие можат да се решат само доколку соработуваме и сфатиме дека сме битни еден за друг.
Ова го истакна албанскиот премиер Еди Рама во обраќањето на отворањето на Самитот „Отворен Балкан“ во Охрид.
Тој се осврна на придобивките од иницијативата „Отворен Балкан“ во делот на туризмот, трговијата и енергетиката, како и во однос на поставувањето заеднички механизам за справување со пожари.
– Силно верувам дека што повеќе ние се зближуваме еден со друг, толку повеќе шанси има да ги разрешиме и конфликтите, да се направи краен мир помеѓу Србија и Косово, една тема за која јас не се согласувам со претседателот Вучиќ, но овде решението е многу едноставно. Или ова несогласување да се претвори во постар конфликт со сите тие празнини кои потоа остануваат во нашата економија, во нашата безбедност или обратно од тоа треба да се направи, да се доближиме што е можно повеќе за да се разбереме помеѓу себе што повеќе и самите луѓе да бидат свесни дека иднината е многу поважна од минатото – рече Рама.
Осврнувајќи се на евроинтеграциите и очекувањата од претстојниот самит на ЕУ тој во негов стил порача дека не се подготвува за, како што вели „оваа свадба“ и оти фокусот треба да биде Европа да се изгради овде во регионот.
– Секогаш кога доаѓа Европскиот совет се подготвуваме како за на свадба. Јас сум кажал и порано, Албанија повеќе не се подготвува за таа „свадба“. Ако се случи „свадбата“ ќе одиме како што сме облечени. Нема да се облечеме свечено, нема да нарачаме најдобар оркестар, нема да трошиме на големи банкети за да дојдат сватовите и да останеме сами со невестата, бидејќи не доаѓа зетот да ја земе или пак зетот останува на врата. Невестата може да се снајде, бидејќи ќе рече не сакам да зборувам со зетот, бидејќи имам други работи, а е уште полошо ако зетот остане. Да кажам уште еднаш „Отворен Балкан“ е зетот, а невестата е ЕУ. Ова е лошо за нас. Подобро ќе беше ние да бевме невестата, бидејќи ќе нѐ земеа побргу, а кога си зет обременет со толку големи проблеми, тоа е голем проблем. Но, нашиот пат е многу јасен за нас. Ние сакаме Европа да ја изградиме овде, да изградиме наши системи за функционирање на државата, на стопанството и на сѐ друго и потоа кога тие ќе сакаат да направат „свадба“, ние ќе бидеме подготвени – рече албанскиот премиер.
Рама порача дека не треба да се очекува ништо од почетокот на преговорите со ЕУ поради ветото на Бугарија кое смета дека ќе остане.
– Затоа на пријателите од Северна Македонија им велам не ја земајте со многу нервоза и стрес оваа „свадба“, бидејќи го пренесувате стресот и кај нас. Ве гледаме нема да ве земат, завршена е оваа работа. Бугарија е маж за себе, исто така со проблеми. Ние Албанците сме во ред. Ако сакаат „свадба“ тука сме подготвени, ако не сакаат пак сме тука. Нема никаков проблем – вели Рама.
Тој смета дека уште сега треба да се заврши со стресот од очекувањата од самитот на ЕУ, бидејќи не очекува отворање на преговорите сѐ додека на Бугарија не ѝ здодее оваа логика, во врска со тоа што го прави сега.
– Овде зборуваме за почеток на преговори, не за нешто друго. Преговорите ќе завршат кога актуелниот бугарски премиер ќе биде дедо, стар човек. Овде се зборува за отворање на преговори, да продолжиме со разговори меѓу нас, навистина сме подготвени и сакаме да бидеме членки на ЕУ, но една работа треба да кажеме, сум го кажал таму, и овде ќе го кажам. Некогаш кога одев во Брисел одев за да земам охрабрување од нив, сега кога одам во Брисел ми се гледа дека јас треба ним да им дадам охрабрување. Искрено кажувам. Некогаш ми се гледаа тие во врвот на формата, а денеска ми е жал кога ги гледам. Значи, одиме ние таму им даваме нив малку енергија, бидејќи Балканот нема да умре, а овој „Отворениот“ уште помалку. Нема да умре. Како и да се врти светот, Балканот ќе биде тука, Србија нема да оди на друга планета, Македонија исто така нема да оди на друга планета, ниту Босна нема да побегне од тоа место, ќе се „вари“ внатре, но тука е. Ние Албанците, исто така, нема каде да одиме, тука сме, така што ЕУ е добра, но ние сме тука во срцето на Европа – рече албанскиот премиер Рама.
Лидерите на земјите учеснички на самитот, предвидено е да потпишат договор за соработка и меѓусебно признавање дипломи и научни оценки издадени во високообразовни установи и други овластени институции и меморандуми за разбирање за соработка во областите туризам, култура и даночна администрација во Западен Балкан.
Србија ќе ни ги гасне и пожарите
Српскиот претседател Александар Вучиќ во обраќањето на Самитот на „Отворен Балкан“ во Охрид, изјави дека тоа е иницијатива на луѓе од Балканот и изрази уверување дека ќе ја поддржат сѐ повеќе граѓани на Северна Македонија, Србија и Албанија, но и на други земји од регионот.
– Ова е нешто незапирливо, добра идеја и со текот на годините ќе има сѐ повеќе поддржувачи. Секогаш сакам со суштина да ги исполнам нашите односи, затоа мислам дека е важно на следниот состанок веднаш да се формираат работни групи, кои предлагам да бидат некаде во јужна Србија, пред големиот самит што го имаме и саемските настани на крајот на летото во Белград. Да се договориме да формираме работни групи кои ќе се грижат како да се надминат тешкотиите со залихите на храна и во областа на енергетиката, како да си помогнеме меѓусебно за да ја преживееме зимата, бидејќи мислам дека тоа е од најголем интерес за сите граѓани на нашите три земји и целиот регион. Во формирањето на тие работните групи и на тие договори доколку сакаат да учествуваат добредојдени се претставниците на Црна Гора, БиХ, Приштина, кој и да сака – рече Вучиќ во своето обраќање.
Како што наведе тој, она што е важно е забрзување на сите заеднички проекти.
– Денеска потпишуваме договор за дипломи со кој ќе се забрзаат сите процеси околу работните дозволи. Ајде да видиме што друго бараат луѓето да направиме, да ги слушаме нашите стопански комори, што можеме да олесниме во трговијата со стоки, капитал, луѓе и услуги, што можеме да направиме за туризмот и привлекување српски граѓани во Албанија и Северна Македонија и да ги поканиме нашите пријатели Албанци и Македонци да ја посетат Србија – рече Вучиќ.
Тој посочи дека е горд што од иницијатива која никој не ја следеше, „Отворен Балкан“ денес прерасна во нешто за кое сите се заинтересирани во интерес на напредокот на целиот регион.
– Тоа е единственото нешто од за кое никој не може да нѐ спречи, зависи само од нас. Од нас секогаш зависи нашиот однос со соседите. Очекуваме хеликоптери кои дополнително ги купивме специјализирани за гаснење пожари и ќе бидеме подготвени во секое време да интервенираме и да им помогнеме на нашите пријатели Албанци и Македонци – додаде српскиот претседател.
Тој истакна дека очекува помош од Северна Македонија и од Албанија и во „некои други области и за некои други работи“.
– Имам многу ентузијазам и надеж, амбиција и желба да направиме големи работи. Благодарност до (Габриел) Ескобар и Американците што ја поддржаа оваа иницијатива – рече Вучиќ, обраќајќи се при тоа до премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ и на претседавачот со Советот на министри на БиХ, Зоран Тегелтија, кои денеска престојуваат во Охрид, како и до комесарот на ЕУ Оливер Вархеји.
– Дритан, Зоран, секогаш сте добредојдени, јас го немам тој извинувачки синдром да морам да кажувам секој ден дека ве молам да дојдете… Ако сакате да дојдете, дојдете, ако не сакате – тоа е ваша желба, никој нема да ве тера, не се ова некои други организации… – рече Вучиќ и додаде дека се надева оти ќе може да се организира самит во една од тие две земји до крајот на година.
Битиќи: Јас сум олицетворение на Отворен Балкан
Да ја оставиме зад нас регионалната конкуренција и да појдеме напред заедно со силната регионална конкурентност, порача вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи од денешниот панел што се одржува во рамки на самитот „Отворен Балкан“ во Охрид.
– За жал, долги години нашите земји се затворени и заклучени во политика. Денеска од тука ви велам да ги отвориме за искуства, можности, напредок, развој и конкурентност. Да ја оставиме зад нас регионалната конкуренција и да појдеме напред заедно со силната регионалната конкурентност затоа што секоја земја од Западен Балкан со својата единственост за развој и иднина е додадена вредност за нашиот регион – рече Битиќи во обраќањето.
Иницијативата „Отворен Балкан“, како што посочи, е шанса за сите генерации.
– Олицетворение на Опен Балкан сум јас – образован во Тирана, работно искуство креирано во Западен Балкан почнувајќи од Северна Македонија, Албанија, Косово, Црна Гора, Србија, Босна, а сето тоа затоа што ми беше дадена една шанса. Но јас сум еден. Отворен Балкан е шанса за сите наши генерации, а што е помоќно од тоа да дадеме една шанса – истакна Битиќи.
Придобивките од иницијативата „Отворен Балкан“, според Битиќи, се големи. Изминатиот период компаниите од трите држави (Северна Македонија, Албанија и Србија) имаат можност да ги извезуваат своите производи без трошење на времето за административни процедури, а веќе реалност е и слободениот пазар на труд кој отвора поголеми можности за граѓаните.
– Велат ако сакаш да одиш брзо, оди сам, но ако сакаш да одиш далеку, тогаш оди заедно. А долгорочна стабилност, мир и предвидливост е она што нашите граѓани го заслужуваат – рече Битиќи меѓу другото во своето обраќање.
Вархеји: Отворен Балкан треба да ги олесни животите на луѓето
Иницијативата Отворен Балкан е можност за регионот да ја смени реалноста и да ги надмине предизвиците со коишто се соочува веќе многу години, да не речам децении. Отворен Балкан може да биде и можност за забрзување на патот кон ЕУ. Ако работата ја завршиме добро, ќе се забрза европската интеграција на регионот, изјави денеска во Охрид еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји во обраќањето на Самитот Отворен Балкан.
Вархеји нагласи дека идејата за Отворен Балкан е осмислена од регионот и таа идеја е поддржана од Европската Унија.
– Го велам ова затоа што кога зборуваме за пристапување кон ЕУ, бракови или други симболи што се споменуваат, но најмногу во јавниот домен зборуваме за процеси. Зборуваме за преговарачки рамки, за нон-пејпери итн. Но, да бидам искрен со вас и веројатно не би требало да го кажам ова како комесар, но ова навистина не е интересно. Ова не е интересно за луѓето во Европа или за луѓето во Западен Балкан, затоа што сметам дека нивното главно прашање е кога ќе живееме како што живеат во Европа, кога ќе ги имаме истите можности економски општествено како што ги имаат луѓето во ЕУ и кога ќе дочекаме сите бариери да бидат отстранети меѓу ЕУ и Западен Балкан. Ова е вистинската интеграција, а вистинската интеграција започнува со економијата и започнува со општеството – порача Вархеји.
Еврокомесарот оцени дека без регионална соработка, економскиот инвестициски план на ЕУ нема да постигне многу затоа што нема поента да се поврзува капиталот на Западен Балкан со патишта и со железници ако камионите треба да сопираат на секоја граница и речиси секој доаѓа на половина час.
– Нема поента да зборуваме за пристапување кон ЕУ и за евроинтеграција на регионот доколку во самиот регион сѐ уште треба да ви ја нострифицираат дипломата доколку сакате да работите во друга држава, а тоа би значело дека би требало да работите на еден час од местото на живеење. Не вреди ништо ако вашиот бизнис не може да тргува соодветно или ако не може да ги продава своите услуги во регионот затоа што според нашите проценки регионот може да создава една третина од својот БДП само преку економска интеграција. Регионот го има овој потенцијал и само регионот може да си ја испорача. Отворен Балкан треба да продолжи понатаму со потпишување договори што ги олеснуваат животите на луѓето – истакна Вархеји.
Тој посочи дека сѐ додека се спроведуваат основните столбови и стратегии од агендата на ЕУ, Иницијативата може да продолжи да ги жнее економските и прогресивните резултати од нивната соработка.
– Затоа ве охрабрувам целосно да ги искористите постојните структури што ги поддржуваме, дали е тоа ЦЕФТА, дали е тоа Советот за регионална соработка затоа што знаење имаме, инфраструктура имаме, а мислам дека има и подготвеност да му се помогне на регионот да помине кон следното ниво. Сметам дека ова е многу позитивна иницијатива, дека ова е иднината која што може да биде создавана уште денес па затоа би требало целосно да ја искористиме – заклучи Вархеји во своето обраќање.
Тегелтија: Се надевам дека последен пат Босна и Херцеговина доаѓа како гостин
Искрено се надевам дека ова е последниот самит на „Отворен Балкан“, на кој Босна и Херцеговина доаѓа како гостин, порача денеска Зоран Тегелтија, претседавач на Советот на министри на БиХ, која во Охрид на Самитот „Отворен Балкан“ учествува како земја набљудувач.
Тој истакна дека во БиХ нема консензус околу проектот „Отворен Балкан“ и за тоа нема сериозни, ниту негативни одговори, туку само молк, а причините за тоа ги гледа во предрасудите од минатото, во врска со тоа кој е предлагачот на оваа иницијатива, кој ќе профитира од неа и дали таа е замена за ЕУ, но и поради политичките влијанија на одделни групации кои сметаат дека е неуспех доколку оваа иницијатива би се прифатила.
Тегелтија потенцира дека е присутен на Самитот, бидејќи бизнис заедницата и граѓаните на земјата ја поддржуваат иницијативата.
– Јас сум овде затоа што знам дека целата бизнис заедница ја поддржува иницијативата „Отворен Балкан“, а бизнис заедницата е основен услов за развојот на нашето општество и затоа што најголем број граѓани го поддржуваат овој проект… Овде сум и поради фактот што претставниците на БиХ учествуваат на сите нивоа на политичките договори и преговори кои се водат во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“ и подготвени сме да ги потпишеме сите во оној момент кога ќе се донесе политичка одлука – рече Тегелтија
Тој порача дека во оној момент кога ќе биде донесена политичка одлука, Босна и Херцеговина ќе се придружи на иницијативата.
– Сигурен сум дека „Отворен Балкан“ може да го покрене целиот вкупен економски потенцијал на овој регион и дека БиХ порано или подоцна ќе стане дел од „Отворен Балкан“ – нагласи Тегелтија и додаде дека очекува тоа да се случи по изборите во земјата во октомври, особено имајќи ја предвид поддршката на САД за оваа иницијатива.
Тој меѓу другото ја поздрави иницијативата на српскиот претседател Александар Вучиќ за формирање работна група за заедничко справување на регионот со предизвиците од енергетската криза и недостигот на храна.