ПРЕЖИВЕАНИТЕ СЕ ВО ДОБРА СОСТОЈБА Сите наскоро ќе бидат префрлени во Скопје
Министерот за здравство Венко Филипче, по посетата на преживеаните во бугарската болница рече дека меѓу преживеаните е и девојче на 16 години.
Министерот за здравство Венко Филипче по посетата на преживеаните во бугарската болница „Пирогов“ изјави дека преживеаните се во добра состојба и вон животна опасност и се добро третирани. Најмладата повредена е девојче на 16 години. Еден од повредените е потешко повреден. Има скршеници, но и тој е надвор од животна опасност..
Тој информира дека сите 7 лица кои ја преживеаја несреќата имаат лесни повреди, а на еден од повредените му се дојдени и членови на семејството.
Филипче информира дека наскоро преживеаните ќе бидат пренесени во Скопје и има се заблагодари на лекарите и властите во Софија за брзата реакција.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи, исто така, рече дека преживаните се добро третирани во бугарската болница и по два дена ќе бидат пренесени во Скопје.
Премиерот Зоран Заев изјави дека очекува бугарските служби професионално да ја завршат истрагата и да го расветлат случајот.
Тој рече дека сите патници се македонски граѓани од различна националност и од повеќе градови. Само еден од патниците е од Прешево кој бил на патувањето со својата свршеница од Куманово.
Заев рече дека од разговорот со преживеаните кои имаат различни видувања за несреќата не може да каже што се случувало и затоа остава бугарските служби треба да ја завршат работата.
– Можам да кажам дека повеќето од преживеаните се од задните седишта кои успеале да го скршат прозорецот и да излезат од автобусот.Со дел од нив поразговаравме и тие сега се со нивните роднини кои дојдоа овде – рече Заев.
Заев информира дека од премиерот на Бугарија денеска ќе биде информиран за причините за несреќата.
Директорот на болницата „Пирогов“, професор Иван Поромански, соопшти дека луѓето се во добра состојба. Нема опасност по нивниот живот и дека треба да им се санираат раните.
– Се што е потребно за граѓаните на РС Македонија се прави како што се прави за секој друг граѓанин – изјави директорот.
Тој најави дека кога ќе се санираат повредите и стабилизираат пациентите ќе бидат пуштени.
– Работиме заедно со македонскиот здравствен систем – додаде Поромански.