ПРЕВОЗНИЦИТЕ ЌЕ ДОБИВААТ ВИЗИ СО ПОВЕЌЕКРАТЕН ВЛЕЗ ВО ШЕНГЕН ЗОНАТА? Македонија почна билатерални разговори со повеќе земји на ЕУ
Премиерот рече дека истовремено се разговара за решение на проблемот на превозниците на товар и на патници, бидејќи и тие се засегнати со проблемот со влез и излез до шенген зоната.
Проблемот со превозниците на товарен превоз и на патници со влезот и излезот од шенген зоната најверојатно ќе се реши преку издавање годишни визи со повеќекратен влез и излез, изјави премиерот Христијан Мицкоски, по средбата со странските инвеститори.
Мицкоски информира дека во процесот Македонија е проактивна и веќе разговара на билатерално ниво со неколку држави од ЕУ за решавање на проблемот.
-Предизвикот со транспортерите е пред нас и ние ќе мораме да го решаваме. Беше тука комесарот кој е задолжен за влез/излез системот. Ние како држава тука сме проактивни, нашата дипломатија и министерствата за внатрешни работи и транспорт работат заедно. Веќе имаме на билатерална основа разговор со неколку држави од Европската Унија кои истовремено се и членки на Шенген зоната, така што најверојатно начинот на кој ќе се реши тој проблем, ќе биде преку издавање годишни визи со повеќекратен влез и излез од Шенген зоната – рече Мицкоски.
Тој потсети дека транспортерите не ги опфаќаат само карго превозниците, туку и патничкиот сообраќај.