ПРЕВОЗНИЦИТЕ ДА НЕ НАСЕДНУВААТ НА ЛАЖНИТЕ ВЕСТИ Николоски откри како можат да го избегнат правилото 90/180

Министерот за транспорт вели дека во Брисел немало состанок за нови ограничувања, а професионалните возачи веќе можат да користат долгорочни визи издадени од одредени земји.

0

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски ги повика македонските превозници да не наседнуваат на, како што рече, лажни информации поврзани со ограничувањето на престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната.

Николоски во гостувањето во емисијата „Вести плус“ на ТВ Канал 5 рече дека неодамнешните информации за наводен состанок во Брисел на кој се разговарало за превозниците од Западен Балкан не се точни.






– Пред два дена во Брисел немаше никаков состанок, туку вообичаена редовна прес-конференција на која новинарите можат да постават какво било прашање, па и за превозниците од Западен Балкан. Би ги замолил превозниците да не потпаѓаат под влијание од една соседна држава во која сега ќе има избори. Токму од таму дојде информацијата дека на 1 септември во Брисел имало некаков состанок. Тоа е лажна вест – рече Николоски.

Тој посочи дека значаен чекор во решавањето на проблемот со престојот на македонските професионални возачи во Шенген-зоната бил направен во февруари годинава.

Според него, Европската комисија тогаш ги препознала возачите на камиони, автобуси и други превозни средства како професионалци, со што им се отворила можноста да аплицираат за долгорочни визи.

– Се работи за доста сериозен проблем што го имаат македонските превозници и ние целосно го разбираме и им даваме сериозна поддршка. Мислам дека најголемиот напредок се случи во февруари, кога Европската комисија реши да ја промени својата визна стратегија и да ги препознае возачите на камиони, автобуси и други превозни средства како професионалци – рече Николоски.

Тој објасни дека токму тоа овозможува возачите да добијат долгорочни визи и да не бидат ограничени со правилото за престој од најмногу 90 дена во период од 180 дена, кое важи за граѓаните на земји што не се дел од Шенген-зоната.

Николоски посочи дека македонските возачи веќе можат да аплицираат за вакви визи во Хрватска и Швајцарија.

– Многу е значајно што тие визи важат за целата Шенген-зона, односно не се однесуваат само на државата што ги издала, туку на целата Шенген-зона. Ова е решение што можеме да го користиме. Секако, би било подобро и полесно доколку ЕУ ги промени правилата. Ние цело време го бараме тоа, но тоа не зависи од нас, туку од ЕУ – нагласи Николоски.

Тој додаде дека целта е со долгорочни визи да бидат опфатени и други држави во кои најчесто работат македонските превозници.

Сепак, според него, и визите што во моментов ги издаваат Хрватска и Швајцарија се доволни за возачите да можат непречено да се движат низ Шенген-зоната.

– Кога ќе се влезе во Шенген-зоната, нема ограничување во движењето. Доколку некој има долгорочна виза, треба само да ја покаже и нема да има проблем со престојот – појасни Николоски.

Поврзани содржини