ПРЕТСТОИ ОДЗЕМАЊЕ НА ПРАВОТО ЗА СУБВЕНЦИОНИРАНА СТРУЈА Ќе се казнат компаниите кои не ги намалија цените на производите
Парите кои требаше да ги добијат овие компании преку субвенционирана струја ќе бидат дадени на граѓаните.
До крајот на месецот ќе се знае за кои компании владата ќе донесе одлука да им ја одземе субвенцијата за струја како одговор на тоа дека не ги намалиле цените на производите, изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Тој рече дека се подготвува анализа на мерката која треба да биде готова до крајот на месецов и која ќе покаже кои се компаниите кои користат помош од владата и не го почитуваат договорот за намалување на цените на производите од 7 до 12 отсто.
– Ако нема намалување на цените ќе се доведеме во состојба да ја укинеме поддршката за струјата. Во одлуката можеме да бидеме селективни со тоа што ќе ги исклучиме од субвенции за струја оние компании кои не ги намалиле цените за производите во договорениот процент.Дел од компаниите веќе ги намалија цените на производите како што е договорено од 7 до 12 отсто па тие и натаму ќе добиваат субвенции – рече Бектеши.
Тој додаде дека е подобро овие пари наместо да ги добиваат компаниите да ги добијат граѓаните за да можат да купуваат производи.
Бектеши рече дека на дневна основа се водат разговори со стопанските комори и домашните производители на прехранбени производи.