ПРЕТСТОЈАТ ДВА ФУДБАЛСКИ СПЕКТАКЛА НА СП2026 Бразил против Норвешка, Мексико ќе се соочи со Англија
Осминафиналето на Мундијалот носи два големи дуели – Бразил игра во недела вечер во 22:00, а Мексико и Англија се соочуваат рано во понеделник во 02:00 по македонско време.
На Светското првенство во САД, Мексико и Канада следуваат две осминафинални средби што го привлекуваат целото фудбалско внимание. Првиот натпревар започнува во недела во 22:00 часот по македонско време, каде Бразил се соочува со Норвешка, додека вториот спектакл меѓу Мексико и Англија е закажан за 02:00 часот по полноќ (ноќта кон понеделник).
Бразилците влегуваат како фаворити и петкратни светски шампиони, но пред себе имаат сериозен предизвик во форма на Норвешка, предводена од Ерлинг Халанд. Јужноамериканците до оваа фаза стигнаа со победа над Јапонија, додека Норвешка направи изненадување со елиминација на Брегот на Слоновата Коска.
– Ова е натпревар во кој нема простор за грешка. Секоја ситница може да биде решавачка – изјавија од бразилскиот табор пред дуелот.
Вистинска фудбалска драма се очекува во раните утрински часови, кога домаќинот Мексико ќе ја пречека Англија на легендарниот „Ацтека“. Мексиканците се едно од најпријатните изненадувања на турнирот и до оваа фаза стигнаа без примен гол, што дополнително ја подгрева атмосферата кај домашната публика.
Од другата страна стои Англија, селекција со силен офанзивен потенцијал и големи амбиции за титулата, предводена од Хари Кејн. Британците важат за фаворити на хартија, но дуелот со домаќинот најавува максимална неизвесност.
Победниците од двата натпревари ќе се сретнат во четвртфиналето, што дополнително ја зголемува тежината на вечерашните пресметки. По досегашните резултати, остануваат уште неколку слободни места меѓу осумте најдобри селекции на шампионатот.