ПРЕТСТАВА НА РИСИМКИН ЌЕ ЈА ОТВОРИ СЕЗОНАТА ВО НАЦИОНАЛНИОТ БАЛЕТ „Сага“ е современ балет во два чина

111

Со премиера на претставата „Сага (идентитети)“ на познатата македонската кореографка Рисима Рисимкин на 6 и 7 октомври во 20 часот ќе биде отворена 74-тата сезона на Националната опера и балет. Претставата е современ балет во два чина.

„Сага“ (идентитети) е возбудливо патување низ ритамот на седмата осмина. Низ заедничка креација со Националниот балет, кореографката Рисима Рисимкин, на извонредната музика на композиторот Тони Китановски, сценографијата на Матеа Мијановиќ и костимите на Благој Мицевски, ги открива идентитетите на Црвената и Црната нишка, кои ги толкуваат
примабалерините Марија Кичевска Шокаровска и Мими Поп-Алексова Атанасовска, Пиреј со првенецот Бобан Ковачевски и гостинот Балаж Лочеи (Унгарија), Везилката со Саша Евтимова, Прелист со Наташа Трендафилова-Гицев, Трепетлика со Илијана Данилов, Ѓул со Христина Наќевска. Со еден збор обединети со комплетниот ансамбл на Националниот балет создаваат претстава за луѓето, поминуваат низ историјата и се задржуваат на сегашноста. Либретото се базира врз народни преданија и современа поезија на македонски автори, во кое централно место зазема песната „Везилка“ на великанот Блаже Конески.






– Ме радува моментот на соединување со ансамблот на Националниот балет по подолг период и се радувам на можноста на заедничката креација со извонредните солисти и ансамблот, кои беа реална инспирација за создавање на „Сага“ – вели кореографката Рисимкин.

Авторската екипа, во соработка со танчерите на Националниот балет, создаде едно спектакуларно дело, во кое се испреплетуваат историјата, традицијата и современиот уметнички израз. Во претставата, насловните улоги ги толкуваат прима-балерините Марија Кичевска Шокаровска и Мирјана Поп-Алексова Атанасова, како и истакнатата солистка Саша Ефтимова, придружувани од Балаж Лочеи (Унгарија) и другите солисти и ансамблот на Балетот при НОБ.

Многу вдахновени улоги остваруваат и младите балерини, кои се идната сила на Националниот балет, Наташа Трендафилова Гацев, Илијана Данилов, Христина Наќевска, машките солисти, Игор Велјановски, Ендрју Кук (Англија), Веселин Трајковски Алфред Јаго (Англија), Франциско Руиз (Шпанија) и Миро Митрачиновиќ.

– Со комплетна поддршка на сите сегменти и тимови на Националната опера и балет, Националниот балет остварува една нова современа балетска претстава, која е со комплетна домашна авторска екипа. На сцената на Националната опера и балет, ќе видиме околу триесетина врвни танчери, кои заедно со авторската екипа, врз база на песната „Везилка“ на великанот Блаже Конески, како и мотиви од народното творештво, градат магичен, нестварен свет во кој, експресивноста зазема основно место – вели уметничкиот раководител на балетот при НОБ, м-р Олга Панго.

Рисимкин, која последниве години е актуелна на танцовите сцени во Париз, Њујорк и во Пекинг, каде за нејзините кореографски остварувања добива одлични критики, после подолго време направи претстава во Националниот балет на покана на институцијата.

Претставата на Рисимкин е национално дело, инспирирано од музиката, традицијата и современото македонско поетско творештво. Делото претставува симбиоза помеѓу битовота, класичнота и модернота танцова лексика преточена во музиката на светски познатиот композитор Тони Китановски, во костимите наградуваниот костимограф, Благој Мицевски. Сценскиот дизајн е на Матеа Мијановиќ, чии сценографски решенија добиваат одлични оценки на познатите танцови светски сцени.

Поврзани содржини