Претседателот во судир со политичката култура на државата?

Општеството пека по институција претседател како симболичен центар на единство на нашата држава кај кого се оди во аудиенција од должност кон народот и татковината, а не за лична или партиска ќар.

2,296

Угоре високо – удолу длабоко, вели една наша народна поговорка како опис за тешка ситуација. Еве илустрација. Без согласност на Бугарија нема да почнеме пристапни преговори со ЕУ, му вели претседателот на државата Стево Пендаровски на новинарот кој го интервјуираше, бидејќи едногласно се носат таквите одлуки во Унијата. Логично, останува на партиите во Македонија да се договорат како да се обединат околу државниот интерес, заклучува новинарот. Следи уште еден шок за новинарот: партиите не се во состојба да се договорат за ништо важно па не ќе можат ни за спорот со Бугарија, бидејќи, вели претседателот, тоа е дел од нашата култура. Остана да лебди во воздухот прашањето што практично ќе направи шефот на државата кој не го одобрува таквото поведение, што имплицира дека е во судир со културата на партиите. Ако не стори нешто тогаш тоа е само заземање на највисоката морална позиција која ништо не ве чини, но печали политички поени. Ако преземе нешто, зема голем личен политички ризик да предизвика нова конфронтација, сега на линија претседател-партии.

Кога претставник на некаква британска фирма во Македонија, под притисок на нашите балкански навики,  решил да поднесе оставка, ја образложил со едноставните зборови: Јас не можам да функционирам во оваа култура. И заминал. За претседателот е предоцна за таква опција. Тогаш, која е неговата улога во општество чија политичка култура на конфликт без соработка, вели, му е туѓа?  Опцијата е јасна, или ќе се прилагоди на таа култура или ќе се спротистави. Ако се прилагоди ќе остане дел од системот кој произведува само конфликт, вклучувајќи го и конфликтниот начин на избор на претседателот која е кандидат на партија. Ако се спротистави, ризикува и партијата која го кандидираше да се сврти против него и не само да ги загуби шансите за втор мандат, туку да има проблеми и со извршување на првиот. Реално гледано, мислам дека тој може само да продолжи да се прилагодува. Доцна е претседателот да им поставува услови на партиите. Тоа морал да го стори пред да ја прифати кандидатурата, барајќи од партиите јавни гаранции за определено поведение без кои не би ја прифатил понудената кандидатура. Се разбира, во таква ситуација, секогаш постои опцијата партијата да си најде друг кандидат, но тоа е ризикот кој треба да го земе секој оној кој навистина има проблеми со култура базирана врз формулата : само конфликт и нула соработка. Сега е доцна да се менуваат правилата на политичката игра во државата и во уставната позиција на институцијата  претседател. Останува само паметењето дека ниту еден претседател не можел да функционира успешно без партијата која го кандидирала, вклучувајќи го и таткото-основач на независна Македонија, Киро Глигоров.






Трансформацијата на македонската политичка култура во демократска, во култура на дијалог, ќе трае со генерации. Ќе се остварува низ битки на партиите за власт и искуството на народот стекнато преку процесот на гласање и дилемата кому да му ја довери државата на управување. Ќе се остварува и низ лични жртви на поединци, демократи, кои се пред своето време и кои секогаш се во судир со доминантната политичка култура. Сегашната позиција на претседателот, особено начинот на неговиот избор го прави составен дел на партискиот систем полн со непомирливи конфликти. Во тој систем секој си ја гледа својата политичка добивка. Општеството, пак, пека по институција претседател како симболичен ценатр на единство на нашата држава кај кого се оди во аудиенција од должност кон народот и татковината, а не за лична или партиска ќар.

Затоа, можеби и ова најново искуство со сегашниот претседател ќе покаже дека е подобро претседателот во иднина да се бира во парламентот од сите партии. Па макар неговата улога била онаа на формален, церемонијален центар на обединување на општеството. Подобро и таков центар на симболично единство од никаков.

 

 

Поврзани содржини