Апелирам претседателот Стево Пендаровски веднаш да прогласи вонредна состојба на целата територија на земјата.
Во ниту еден случај не можеме да очекуваме дека ќе се намали бројката на заразени од коронавирусот, да не се замајуваме, напротив од ден во ден само ќе се зголемува. Подобро две-три недели вонредна состојба, отколку да чекаме бројот на заразени да земе толку голем замав па да настане хаос.в
А од хаосот многу тешко се излегува. Нашите медицински капацитети се скромни и не можат да одговорат на предизвикот. Гледаме и слушаме дека тоа не го можат ниту најразвиените медицински системи во светот.
Ние сепак сме во предност, за разлика од другите земји, бидејќи сме мала, најмала држава со најмалброј жители. Полесно можеме да се справиме со предизвикот. Полесно можеме да ја имаме контролата во наши раце, полесно можеме да го забавиме овој процес и да добиеме во време. Во овој случај, времето е најскапоцената работа.
Колкава и да е штетата од прогласувањето вонредна состојба, во ниту еден случај не може да биде поголема од тоа што може да ни се случи.
Голем број на животи се во прашање, претседателе. Апелирам веднаш да донесете одлука. Што побргу, тоа подобро. Исполнети се сите услови.
Вие сте татко на нацијата. Вие сте на потег, вие имате уставна и морална одговорност како претседател.
Донесете Одлука ВЕДНАШ.
(Авторот е поранешен помошник министер за внатрешни работи)